Интензивните снежни врнежи што ја зафатија Македонија од претпладнето го отежнаа одвивањето на авиосообраќајот на скопскиот аеродром и предизвикаа доцнења во меѓуградскиот и железничкиот сообраќај.

На аеродромот „Александар Велики“, во Скопје нема услови за слетување поради намалена видливост од снежните врнежи. Доцнат дел од авионите што требаше да слетаат на аеродромот во Скопје, а дел се пренасочуваат на аеродромот „Св. Апостол Павле“, во Охрид, информираат службите на скопскиот и на охридскиот аеродром.

Меѓуградскиот и железничкиот сообраќај се одвиваат редовно, но со доцнења. Пристигнувањето на автобусите е со доцнење до половина час.Според Автомото сојузот на Македонија, врнежите од снег го отежнаа и забавија сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата.

Поради поинтензивни врнежи од снег и поголеми остатоци од снег на коловозот, на планинскиот превој Стража од 12 часот и 50 минути е воведена забрана за движење на тешките товарни возила, додека за патничките возила се препорачува употреба на зимска опрема. Отежнато движење е забележано и на планинските превои Плетвар, Ѓавато, Буково и Пресека, но засега без забрани за движење на возилата. На тие планински превои за товарните возила е задолжителна употреба на зимската опрема.