Утрински весник, 23.02.2010

 

Техничките подготовки за аеродромот се во завршна фаза, а сите 800 вработени ги потпишале новите договори за работа. Дефинитивно на 1 март турски ТАВ почнува со реконструкција на македонските аеродроми.

Наредниот понеделник официјално ќе се изврши примопредавањето меѓу Министерството за транспорт и врски и ТАВ, со што Турците ќе го преземат работењето на двата македонски аеродрома.

Оваа долгоочекувана инвестиција во Македонија сигурно нема да биде повторно одложена. Моментно во завршна фаза се сите технички подготовки, велат од Министерството за транспорт, а сите 800 вработени веќе ги потпишале договорите за работа, со што и тие на 1 март ќе преминат во новата фирма. ТАВ уште од крајот на минатата година врши мерења и испитувања на земјиштето на аеродромот „Александар Велики“. Од Министерството за транспорт информираат дека турскиот концесионер ги завршува обврските пред да почне со градба на новите објекти што се предвидени со проектот за реконструкција.

Претставниците на турски ТАВ веќе преговарале и со Министерството за одбрана, бидејќи треба да се исели воениот дел од скопскиот аеродром, зашто токму каде што сега е лоциран, ќе треба да се гради новата зграда за терминал. Оваа зграда се очекува да биде 10 пати поголема од сегашната. Според најавите, таа треба да зафаќа површина од 40.000 квадратни метри, за разлика од сегашната – 6.000 квадратни метри. Новиот скопски аеродром ќе може да опслужи над шест милиони патници годишно. За споредба, минатата година на аеродромот „Александар Велики“ имало околу 6.000 патници.

Додека се гради новата терминална зграда ќе функционира постојната. Според проекциите, ќе се прават и нови паркинг-локации, а ќе има промени и во пристапот кон аеродромот „Александар Велики“, односно се планира градба на нова клучка. И пистата, на јужната страна, ќе биде продолжена за 500 метри. Турците, инаку, ги преземаат аеродромите на концесија од 20 години. Досега ТАВ двапати го одложи стартот на модернизацијата на аеродромите и доби бонус од Владата за карго-аеродромот во Штип, чија изградба е одложена за десет години. Околу 800 вработени од двата аеродрома треба да преминат во новата турска фирма на 1 март. Сепак, при склучувањето на новите договори се јавија проблеми. Откако вработените се побунија, концесионерот на синдикатите им даде писмени гаранции дека во наредните седум години нема да ги отпушта и нема да им ги намали платите. Дури тогаш вработените се согласија да стават потпис на договорите со ТАВ.

Сега од синдикатот велат дека постапиле во согласност со договорот со новите газди, а очекуваат Турците да го испочитуваат ветеното, а откако и официјално ќе профункционира ТАВ во Македонија, ќе треба да го потпишат и новиот колективен договор во кој ќе се утврдат и гарантираат сите надоместоци што треба да ги добиваат вработените со платите.