Вечер, 03.03.2010

 

Истражното одделение смета дека се остави доволно простор Британецот да одговори. Тој досега имал комуникација со Обвинителството, но не и со судот Трета, последна ургенција со тридневен рок за одговор е испратена до британскиот експерт Едвард Пули, кого судот го ангажираше за дополнително вештачење на доказите од хеликоптерската несреќа.

Откако на двете претходно испратени ургенции од истражното одделене, Британецот не одговори, судот реши да му даде последен рок – до петок. Доколку до петок не одговори дали и кога ќе дојде во Македонија, истрагата ќе бара нова експертска куќа која треба да каже кои се причините за падот на хеликоптерот кој се враќаше од мировната мисија Алета во Босна и Херцеговина.- Испративме ургентно писмо во кое дадовме рок од три дена вештакот да прецизира дали ќе се нафати да ја заврши истрагата.

Во ургенцијата која ја испративме во понеделникот посочивме дека средствата се обезбедени и резервирани и се чека на негов одговор – Вели судијата Владимир Туфегиќ, одговорен за односи со јавноста. Според него ова ќе биде последната ургенција. Истражното одделение смета дека се остави доволно простор Британецот да одговори. Тој досега имал комуникација со Обвинителството, но не и со судот.

Пред повеќе од половина година судот му ја довери експертизата на независниот британски експерт Едвар Пули, кој за 55 илјади фунти треба да направи повторно вештачење на деловите од хеликоптерот кој падна кај катлановско Блаце, како и на доказите што беа пронајдени за време на предистражната постапка. Тој беше избран како најдобар за експертизата од вкупно три експертски куќи, кои доставија понуди да го извршат вештачењето на “Ми-17”. Покрај Пули, до судот минатата година пристигнаа и понудите на Британците Тони Кејбл и Тил Гилс, кои како независни експерти заеднички настапиле во понудата за експертиза, испратена од страна на компанијата “Гатес за воздухопловни консултантски услуги”. Третата понуда беше на италијанскиот воздухопловен полковник во пензија Џорџо Диндони, кој работи во Шкотска.

Од странската експертиза треба да се добие одговорот дали и од кого државното обвинителство ќе бара одговорност за падот на леталото. Обвинителството е незадоволно од понудените аргументи во извештаите изработени од трите независни комисии. Има забелешка дека воената и државната комисија си ја префрлуваат вината за несреќата. Во извештајот на државната комисија беа посочени огромен број пропусти во армијата и во военото воздухопловство при модернизацијата на хеликоптерите и обуката на пилотите. Во воениот извештај, пак, дел од вината беше насочена кон контролата на летање.