МИА, 21.05.2010

 

Најголемата британска авионска компанија „Бритиш ервејз“ (БА) во изминатата година има забележано рекордна загуба во своето работење од 531 милион фунти, јави дописникот на МИА од Лондон. Тоа е најголемата едногодисна загуба на БА од 1987 година, кога компанијата беше приватизирана.

Причини за големата загуба се намалениот број патници, зголемените цени на летовите, како и штрајковите на дел од вреботените, што беа организирани како последица на недоразбирањата на синдикатот со управата на компанијата околу мерките за штедење на намалување на трошоците. Влијание на деловни резултати има и појавувањето на вулканскиот пепел од Исланд, поради што цела една недела немаше летови. Загубата иако рекордна, помала е од таа што се претпоставуваше и се очекуваше, но претставник на компанијата изјави дека работите се усложнуваат затоа што во претходната деловна година, БА исто така прикажа загуба од 400 милион фунти.

Податоците за материјалното работење на компанијата доаѓаат непосредно пред закажаниот петдневен страјк на кабинскиот персонал во авионите на БА, што почнува во понеделник. Уште двапати потоа, дел од вработените ќе штрајкуваат по пет денови, на 30 мај и на 5 јуни. Раководителот на „Бритис ервејз“, Вили Волс изјави дека компанијата настојува со постојано намалување на трошоците во работењето да се ослободи од загубата и да се прилагоди на работењето на другите големи и конкурентски авионски компании.

Само со постојаното структурно менување БА ќе може да биде повторно профитабилна компанија. Според Волс, тоа не сака да го разбере и да го прифати синдикатот организирајќи постојано штрајкови и блокирајќи го заздравувањето на компанијата. Тој откри дека само од штрајкот во март компанијата има загуба од уште 43 милиони фунти, но инсистираше дека менаџментот на компанијата нема да им се одмаздува на штрајкуваците. Експерти во авионскиот бизнис предвидуваат дека трите следни штрајкови ќе предизвикаат дополнителна загуба од уште 100 милиони фунти.