МИА, 06.06.2010

 

Лондон, 5 јуни 2010 (МИА) – Дел од вработените на најголемата британска авионска компанија „Бритиш ервејс“, кои работат како персонал во кабините на авионите, го почнаа од ноќеска по полноќ, третиот по ред петдневен штрајк, откако повторно не успеаја преговорите меѓу управата на компанијата и синдикатот.

Како што јави дописникот на МИА од Лондон, недоразбирањето околу платите и условите за работа на кабинскиот персонал траат веќе 15 месеци. Од скоро синдикатот „Унита“, кој ги организира протестите, бара од управата да прекине со истрагата за одговорноста на вработените кои не доаѓаат на работа во деновите на штрајкот, како и да им ја врати одземената привилегија за бесплатно летање на штрајкувачите од претходните штрајкови во март.

Компанијата се согласува да го исполни ова барање, само во рамките на општиот договор, што би се постигнал меѓу управата и синдикатот. Од март, па заедно со штрајковите во мај, вкупно 18 денови дел од персоналот протестира против својата компанија и не се јавува на работа. Овој најнов штрајк треба да заврши во четврток, на само еден ден пред почетокот на Светскиот куп во фудбал во Јужна Африка. Претставник на „Бритиш ервејс“ изјави дека во следните пет денови од штрајкот, компанијата ќе одржува 80 отсто од своите летови на долгите релации, вклучувајќи ги летовите до Њујорк и до Јоханесбург, пренесувајќи ги навивачите на англиската фудбалска репрезентација.

Серијата штрајкови, досега ја чинат оваа компанија 120 милиони фунти штета од откажаните летови, што ќе придонесе за натамошно влошување на нејзината економска ситуација, поради која управата инсистира на „замрзнување“ на платите за следните две години и за намалување на бројот на екипажите во авионите на долгите реалции. ти/ац/16:47