Дневник, 18.08.2010

 

Авионите на Дирекцијата за заштита и спасување вчера ги извршија првите акции за гаснење пожари на отворен простор во Дојран и во Скопје Два од трите противпожарни авиони „ер трактор“ вчера првпат откако се набавени беа употребени за гаснење два пожара во Македонија. Акциите во скопската населба Драчево и во Дојран биле успешни и огнените стихии за кратко време биле локализирани. Засега не е познато дали пожарите биле предизвикани од човечки фактор или причина е жештината.- Авионите на Дирекцијата за заштита и спасување ги извршија првите акции за гаснење пожари на отворен простор. Два од авионите интервенираа на територијата на Дојран и на Скопје, каде што успешно ги изгаснаа пожарите што избувна на тие територии. Со овие први операции на авиоодделението во Дирекцијата за заштита и спасување се покажа исплатливоста на набавката на авионите – велат од Дирекцијата. Оттаму велат дека предноста на овие авиони е што можат да гаснат пожари на недостапни терени, а овие пожари биле токму такви, па неопходно било нивното ангажирање. Овие две акции на летачките пожарникари следеа по минатонеделната најава дека ДЗС во Русија ќе испрати два авиона да ги гаснат пожарите што беснеат околу Москва. Најавено беше нивно итно испраќање во Русија, но очигледно тоа не било сторено. Ги запрашавме надлежните од Дирекцијата дали ќе останат на одлуката да пратат два авиона и екипаж или, пак, по избувнувањето на пожарите во Македонија одлуката ќе се промени. – За испраќање на авионите во Москва сега решаваат руските власти, дали и кога ќе ги примат воздухопловите – вели Ласко Мукаетов од ДЗС. Годинава во Македонија се регистрирани над 70 пожари на нискостеблеста шума, пасишта и стрништа, но тие не биле од широки размери и не предизвикале поголеми штети. – Само од пожарите во 2007 година имавме штета од 24 милиони евра поради изгорената шума. Ако ги земеме вкупните износи, вредноста на возилата не е ништо во споредба со штетата што ја нанесоа шумските пожари во последните две-три години – велат од ДЗС.Освен авионите, Владата набави и 25 противпожарни возила од кои 15 се наменети за урбана средина, а пак 10 се специјализирани за шумски пожари.Трите авиони беа набавени преку шпанската фирма „Ер трактор“, а се од американско производство. Договорот за нивна набавка, тежок 10,3 милиони долари, предвидуваше и обука на пилоти и на технички кадар. Обуката се спроведуваше во Италија, Шпанија и во Македонија, и заврши успешно. Дирекцијата сега има пет пилоти, еден пилот-раководител на одделението и негов заменик. Покрај пилотите, беа избрани координатори, авиоинженери, авиомеханичари и авиодиспечери.Летачките трактори ги управува еден пилот, но поради тешките услови во кои работат секогаш треба да има резервни пилоти. Авионите имаат капацитет од 3.104 литри вода и потребни се 10 секунди за целосно да се наполни резервоарот. Потрошувачката на гориво е околу 800 долари за час, а авионот може да лета во услови на голема надморска височина и на температури до 49 степени. Освен за гасење пожари, тие ќе се користат и за воздушно запрашување и за воздушно пошумување на изгорени површини. Александар Манасиев #