Утрински весник, 26.08.2010

 

Турски ТАВ во овие шест месеци се сконцентрира на модернизацијата на скопскиот аеродром, но не и на менаџирањето со него Соња Маџовска По визната либерализација, како и по преземањето на аеродромите од страна на турски ТАВ, бројот на летови од и до Македонија се зголемил минимално, односно само околу 10 отсто, иако се очекувало растот да биде меѓу 30 и 40 проценти. Но, поевтини летови се’ уште нема. Познавачите на состојбите велат дека на поевтини летови македонските граѓани можат да се надеваат дури откако ќе биде изграден, односно модернизиран новиот скопски аеродром „Александар Велики“. А тој интензивно се гради. Веќе работат на продолжувањето на пистата, а се поставени и столбовите за новата терминална зграда, која треба да биде десет пати поголема од сегашната. Според договорот, аеродромот „Александар Велики“ треба да биде завршен до крајот на идната година, а ТАВ почна да работи пред речиси три месеци. Колку ќе тежи инвестицијата, се’ уште е енигма. Иако, според договорот, таа требаше да достигне 200 милиона евра, според пишувањата на некои странски медиуми, во меѓувреме се спушти на 110, а сега се шпекулира и со сума од 80 милиони евра. Турците засега молчат. Очигледно е дека тие во овие шест месеци, колку што стопанисуваат со скопскиот и со охридскиот аеродром, се сконцентрираа на модернизацијата, но не и на менаџирањето со нив. Во овој период тие не донесоа нови авиокомпании што ќе оперираат во земјава, а кои требаше да ја зголемат конкуренцијата и да придонесат да се намалат цените на авиобилетите. На македонските граѓани и натаму им е поисплатливо да патуваат до Белград, Софија, Приштина или, пак до Солун, па оттаму до посакуваната дестинација. Тоа го потврдуваат и од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, кои велат дека токму евтините авионски билети се предуслов да се зголеми и бројот на туристи во земјава. „Скопје е слепо црево на Балканот. Поповолно ни е да летаме од Софија, од Солун или, пак, од Белград. Проблем е и тоа што се’ уште ги нема и нискобуџетните авиокомпании, како секаде во светот, кои нудат летови од 20 до 50 евра за повратен билет за која било европска дестинација во рамките на земјите од ЕУ. Овие авиокомпании не се заинтересирани за земјава затоа што пазарот е мал. И со оние со кои преговарале, главно, биле заинтересирани за охридскиот аеродром, бидејќи на скопскиот, поради климата и честата појава на магла, во зимскиот период има голем број откажани летови“, вели Рената Донева од „Нет беј“. Моментно билетите од Скопје до европските градови се изгор скапи, и тоа без пресметани аеродромски такси. На пример, повратен билет од Скопје за Виена чини околу 400 евра, а од Софија, пак, само 70 евра. Скопје – Белград – Брисел достигнува цена од 400 евра, исто така, без аеродромски такси. Скопје – Виена, преку „Аустријан ерлајнс“, чини од 259 евра најниска до 820 највисока цена. Додека преку Подгорица билетот до Виена чини од 70 до 450 евра. За летот Скопје – Прага цената е од 139 до 542 евра. И, на пример, Скопје – Лондон, преку „Монтенегро ерлајнс“, чини од 39 до 500 евра. А преку „Кроација ерлајнс“ достигнува цена од 67 до 660 евра. Од агенциите велат дека иако има повеќе тарифи, сепак, колку е повисока цената, толку е поголема веројатноста да се обезбеди билет. „Секоја авиокомпанија што оперира во Македонија има објавено и ниски и високи тарифи за одредена дестинација, која зависи од повеќе фактори. Од расположливоста на летот, сезоната, од времетраењето на престојот. Меѓутоа, патниците од земјава речиси никогаш не можат да ги користат ниските тарифи, бидејќи никогаш нема место за нив“, објаснува Донева. Таа вели дека патниците често реагираат поради тоа што овие ниски цени за авиобилети, иако се објавени, никогаш не можат да се добијат. Првиот човек на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски, веќе најави дека ќе преиспитуваат зошто авиобилетите во земјава се толку скапи, со тоа што на авиокомпаниите што оперираат во земјава, а ги има околу десет, ќе им достават прашалник во кој ќе треба да одговорат колку изнесуваат реалните трошоци и дали тие соодветствуваат со цената на билетите. Тие ќе треба да даваат месечен извештај за уредноста, за редовноста, но и за цената на билетите, цената на горивото, односно за вкупните трошоци што ги имаат компаниите и колку тие влијаат врз цената на авиобилетите. Такви извештаи авиокомпаниите ќе мора да доставуваат до Агенцијата, најверојатно од септември, но ќе мора да презентираат податоци и за летните месеци, односно и за јуни, јули и август, колку изнесувале трошоците, а колкави биле цените на билетите. Мојсовски најави дека се можни и законски измени, со тоа што повторно државата ќе се вклучи во делот на давање дозволи за летање на нови авиокомпании, доколку ТАВ не успее во тоа. И од АЦВ велат дека засега е очигледно оти нема некои ефекти од разговорите на ТАВ со одредени нискобуџетни авиокомпании. Побаравме став и од турскиот инвеститор ТАВ за состојбата со авиосообраќајот во земјава, но не добивме одговор. Оттаму веќе неколку месеци најавуваат брифинг со новинарите, а, според последните најави, најверојатно, ќе се реализира во почетокот на септември. Инаку, фреквенцијата на патници на скопскиот аеродром „Александар Велики“е околу 500.000 патници годишно. Еден милион патници имало само во време на косовската криза. За разлика од кај нас, во соседството се води вистинска битка за привлекување патници. Преку приштинскиот аеродром патуваат 1,2 милиони патници, а од Белград 2,4 милиони патници. (С.М.) #