Агенцијата за цивилно воздухопловство со низа пригодни настани се вклучи во одбележувањето на Меѓународниот ден на цивилното воздухопловство, 7 Декември, како исклучително значаен датум за чествување на Јубилејот- 75 години од постоењето на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ИКАО. Последна во низата активности беше подигнувањето на знамето на ИКАО на јарболот пред Министерството за транспорт и врски, со што уште еднаш симболично се покажа цврстата решеност на надлежните институции за доследна имплементација на меѓународните стандради, препораки и позитивни практики во областа на воздушниот сообраќај и транспорт.

ИКАО (ICAО – International Civil Aviation Organization) е Меѓународна организација за цивилново здухопловство –специјализирана агенција на Организацијата на обединетитенации (ООН). ИКАО ги востановува стандардите, препораките, принципите и техниките во меѓународниот воздушен сообраќај и транспорт, со цел да обезбеди уреден, ефикасен, унифициран и безбеден развој на воздухопловството на глобално ниво. Формирана е со Меѓународната конвенција за цивилново здухопловство (Чикашкаконвенција), потпишана од страна на 52 држави на 7 декември 1944 год. Во Чикаго, САД. Денес во ИКАO членуваат 193 држави, што ја прави една од најголемите, највлијателните и најзначајните меѓународни организации во светот. Македонија стана полно правна членка на ИКАО веднаш по осамостојувањето, односно по приемот во ООН во 1993 год.

Целта на глобалното одбележување на Меѓународниот ден на цивилното воздухопловство е да се подигне свеста за местото, улогата и значењето на меѓународната цивилна авијација ширум светот, во социјалниот и економскиот развој на земјите, како и за улогата на ИКАО во унапредувањето на безбедноста, ефикасноста и правилноста на меѓународниот воздушен транспорт.

Во тој дух и АЦВ, како дел од светското семејство на цивилни воздухопловни власти, останува доследна на принципите за афирмација на домашното цивилно воздухопловство, како брз, ефикасен, сигурен, безбеден и еколошки одржлив воздушен транспорт, цврсто поставен врз темелите на европските и глобалните стандарди и препораки.