Вести

  • |

15.08.2017


Висока делегација на кинеската воздухопловна власт во посета на АЦВ


Република Македонија и Народна Република Кина заеднички ќе работат на креирање на правна рамка за редовен воздушен сообраќај меѓу двете земји, на размена на искуства и техничка и едукативна поддршка

Висока делегација од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Народна Република Кина, вчера (14.08.2017 год.) во Скопје, реализираше средба со директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, Горан Јандреоски.

Тема на разговорите меѓу двете воздухопловни власти беше, унапредување на досегашната соработка, размена на искуства, како и креирање на правна рамка за редовен воздушен сообраќај меѓу двете земји, техничка и едукативна поддршка во областа на летачките операции, пловидбеност, воздухопловна навигација и слично.

Преставниците на кинеската воздухопловна власт на состанокот изразија висока почит кон работата на воздухопловната власт во земјава, како сериозен и квалитетен  партнер за соработка во насока на развој на цивилното воздухопловство, кое ќе биде целосно посветено и отворено за воспоставување нови воздушни линии, како дополнителен поттик за развој за македонскиот туристички амбиент, промоција на македонските богати културни и традиционални вредности.

Заблагодарувајќи се на укажаната почит и доверба, Јандреоски посочи, дека секоја соработка, размена на искуства и отворање на можности за отворање нови воздушни линии со земјите од регионот и светот, претставуваат предизвик и врвен приоритет на АЦВ, но и темелен императив за втемелување на европските воздухопловни вредности во домашниот воздухопловен сектор.

Агенцијата за цивилно воздухопловство, подвлече Јандреоски, беше и останува доследна на развивањето воздушен транспорт, кој ќе овозможи брз, ефикасен, сигурен и безбеден превоз на патници, багаж, стока и пошта. Кој пак, директно ќе влијае врз развојот на домашната економија, туристичките капацитетии промоцијата на македонската култура и традиција...

Претставниците на кинеската воздухопловна власт, на состанокот, иницираа потпишување на Договор за редовен воздушен сообраќај меѓу Република Македонија и Република Кина. На средбата беше предложен нацрт- текст на документот, кој како што беше нагласено од македонска страна, ќе биде разгледан, дополнет и усоглассен во периодот кој следи.

Агенцијата за цивилно воздухопловство на состанокот предложи потпишување на Меморандум за техничка соработка со кинеската Агенција за цивилно воздухопловство, кој, како што истакнаа преставниците на кинеската делегација, во најбрз можен рок ќе биде биде разгледан, усогласен и дополнително потпишан.

ГАЛЕРИЈА

  • CAA Macedonia
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika