Вести

  • |

16.04.2018


Состанок на воздухопловни експерти од АЦВ, ТАВ, М -НАВ, СОЗР и Комитетот за истраги, несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството(КИНСИВ) во организација на Агенцијата за цивилно воздухопловство


Подигнување на степенот на комуникација, навремена и објективна размена на информации и податоции меѓу институциите за настани и инциденти во воздушниот сообраќај ќе го зголемат нивото на безбедност и сигурност во цивилното воздухопловство во земјава, и ќе влијаат врз намалувањето на бројот на безбедносните ризици со кои се соочуваат воздухопловните субјекти во земјава, беше констатирано на денешниот состанок на воздухопловните експерти, од АЦВ, ТАВ, М -НАВ, СОЗР и Комитетот за истраги, несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството(КИНСИВ), кој во организација на  Агенцијата за цивилно воздухопловство, се одржа во Скопје.

На работната средба, преставниците на АЦВ, ги информираа присутните  за содржината на Државна програма за безбедност во авиосообраќајот (State safety program), изготвена од Агенцијата и доставена на усвојување до Владата на Република Македонија. Документ, кој  како што беше речено, дополнително ќе влијае врз подигнување на нивото на безбедност, сигурност и ефикасност во воздушниот сообраќај, но и јасно ќе го дефинира системот на мерки и активностите со кои секоја институција, во рамките на своите надлежности ќе влијае врз реализацијата на истата.

Осврнувајќи се на безбедносните аспекти во цивилното воздухопловство, присутните на состанокот, ја реафирмираа потребата, од зголемување на степенот на имплементација на проектот Just culture, кој има за цел, да ги мотивира вработените во воздухопловната индустрија, во согласност со значењето на проектот за праведна култура, да се одважат и да ги пријавуваат настаните и инцидентите во воздухопловната пракса и на тој начин, да дадат свој придонес, во намалувањето на бројот на настани со кои се соочуваат во своето работење.

Во дискусијата, преставниците на воздухопловната индустрија, како исклучително важна компонента за практична примена на проектот Just culture во воздухопловството, ја изложија потребата од изнаоѓање инструменти, со кои државата, ќе им гарантира на вработените кои ќе пријават воздухопловни настани, дека ќе бидат правно заштитени, и нема да сносат последици затоа што навремено и објективно пријавиле настани и инциденти до надлежните институции во земјава.

Во тој контекст, присутните ја поздравија иницијативата на АЦВ во соработка со  европските воздухопловни партнери, во престојниов период, да организираат обуки и курсеви за воздухопловниот персонал, на кои дополнително ќе стекнат искуства, знаења и вештини за имплементација на проектот Just culture.

На состанокот, беа отворени и низа други прашања и дилеми со кои се соочуваат воздухопловните субјекти во земјава, во прифаќањето на новите предизвици кои ги наметнуваат современите европски движења, од аспект на безбедносен, сигурносен и ефикасен воздушен транспорт.

Унапредување на меѓуинституционалната соработка, АЦВ, во престојниов период ќе го потврди и си потпишување на Меморандум за соработка со Комитетот за истраги, несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството, со простор за проширување на истата и со другите субјекти во воздухопловната индустрија.

Во тој правец, беше заклучено дека вакви состаноци и во иднина ќе се користат како платформа за интензивирање на соработката меѓу институциите, и ќе придонесат за зголемување на ефикасноста во размената на информациите со кои располага секој субјект од свој безбедносен аспект, ќе се продолжи со квалитетното спроведување на истрагите за настаните и инцидентите кои се случиле во изминатиов период што за крајна цел има намалување на бројот на несреќи, сериозни инциденти и настани и секако севкупно зголемување на воздухопловната безбедност во Република Македонија и пошироко.

 

 

 

  • CAA Macedonia
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika