Вести

  • |

30.01.2019


Директорот на АЦВ Тунтев реализираше работна средба со претставници од редовните авиопревозници во Република Македонија


Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, оствари работна средба со членовите на Комитетот на воздухопловни оператори (AOC - Airlines Operators Committee) - здружение на редовните авиопревозници кои оперираат на скопскиот аеродром. Делегацијата беше предводена од г-дин Метин Емин, претставник од Turkish Airlines, кој го предводи Комитетот.

Гостите го информираа директорот Тунтев за активностите на Комитетот, за целите за неговото формирање, за заедничките интереси на неговите членови, за меѓусебната координација во нивниот заеднички настап пред другите сегменти во авиоиндустријата во нашата држава, како и за очекуваните резултати од нивното заедничко делување. Соговорниците на средбата изразија целосна подготвеност за продолжување на соработката помеѓу воздухопловниот регулатор и операторите на воздухоплови, во насока на подигнување на нивото на безбедноста на сообраќајот во националниот воздухопловен транспортен систем. Исто така, беа споделени заедничките заложби за доследна заштита на правата на патниците во воздушниот сообраќај, за континуирано подобрување на условите за патниците и превозниците на аеродромите, како и за потребата од константно подигнување на квалитетот на услугите од страна на сите инволвирани сегменти.

Тунтев ги информира гостите за актуелните активности во Агенцијата, со кои ќе се обезбеди усогласување на македонската воздухопловна легислатива со најновите меѓународни воздухопловни стандарди и препорачани практики, кои произлегуваат како обврска од Мултилатералната Спогодба за Европска заедничка воздухопловна област и Чикашката конвенција на ИКАО.

Учесниците на средбата, меѓу другото, се осврнаа и на можностите за продлабочување на соработката на сите нивоа помеѓу воздухопловните субјекти што се инволвирани во воздушниот сообраќај на аеродромите, заедничките заложби за создавање на услови за континуиран пораст на физичкиот обем на сообраќајот, како и неопходноста од исполнување на сите преземени обврски кон релевантните меѓународни организации и институции од областа на воздушниот транспорт. Од страна на сите соговорници беа изразени намери за создавање на пријателско бизнис опкружување во рамки на утврдените надлежности, што треба да овозможи давање на современи, безбедни, сигурни, уредни и редовни аеродромски услуги.

Исто така, гостите ја истакнаа и потребата од техничко, технолошко, кадровско, сообраќајно и инфраструктурно унапредување на капацитетите и перформансите на охридскиот аеродром, со што би се создале реални можности овој аеродром да се користи како прв алтернативен аеродром за сите превозници што оперираат на скопскиот аеродром. Комитетот на воздухопловни оператори во моментот брои 7 репрезенти на деловните интереси на вкупно 10 странски редовни воздушни превозници, кои одржуваат редовни воздушни линии на Меѓународниот Аеродром Скопје. Поголемиот број од нив се национални превозници, односно "носители на знаме" во државите од кои што доаѓаат.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika