Вести

  • |

06.02.2019


Средба на менаџментот на Агенцијата за цивилно воздухопловство со раководството на Воздухопловната федерација


Во рамки на редовните средби со чинителите во националниот воздушен сообраќајно - транспортен систем, директорот на АЦВ, д-р Томислав Тунтев, и раководителот на Секторот за безбедност во воздушниот сообраќај и воздухопловна навигација во АЦВ, Драги Стојаноски, вчера остварија работна средба со г-дин Владимир Баракоски, претседател, и г-ѓа Биљана Еверетте, генерален секретар, од Воздухопловната федерација на Македонија.

На средбата беше истакната взаемната подготвеност и детерминираност за интензивирање на меѓусебната соработка на АЦВ и ВФМ во сферата на развојот на спортските воздухопловни активности во Македонија. Беше потенцирана улогата и  заложбите на АЦВ во процесите на континуирано подигнување на нивото на безбедноста на воздушниот сообраќај и унапредување на воздухопловството во државата.

Гостите од ВФМ информираа за сите актуелни активности и достигнувања на домашните аероклубови, за проблемите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат аероклубовите, спортските пилоти и вљубениците во слободното летање, како и за претстојните активности во рамки на годишната програма за учество и организација на меѓународни воздухопловни манифестации.

Соговорниците, меѓу другото, се осврнаа на можностите за продлабочување на соработката со релевантните институции во областа на развојот на спортот и туризмот, на заедничките заложби за создавање на оптимални технички и оперативни услови за континуиран пораст на обемот на спортските воздухопловни активности и специјализираните услуги во авијацијата, како и за идните можности за соработка на полето на промоција и популаризација на слободното летање. Заеднички беше констатирана неопходната потреба од меѓусебна взаемна соработка за целосна имплементација и доследно почитување на сите национални и меѓународни стандарди, препораки и позитивни практики од сферата на воздухопловството и безбедноста на воздушната пловидба. Притоа, акцент беше ставен врз потребата за реализација на соодветни стручни обуки, јавни дебати, промотивни кампањи и оперативни брифинзи, за интензивиран и непречен развој на параглајдерството, змејарството, моделарството, падобранството, беспилотното летање, летањето со балони и сите други форми и видови на слободно летање и воздухопловни спортски активности.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika