Вести

  • |

11.03.2019


Делегација на АЦВ оствари деловни средби со воздухопловните власти на Црна Гора и Србија


Во рамки на воспоставената долгогодишна меѓусебна регионална соработка, минатата седмица во Подгорица и Белград се одржаа средби на претставници од цивилните воздухопловни власти на највисоко ниво. Делегација на македонската Агенција за цивилно воздухопловство оствари деловни состаноци со своите колеги од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Црна Гора, и Директоратот за цивилна воздушна пловидба на Србија.

На средбите взаемно беше истакната потребата за продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу регулаторните тела во сферата на воздухопловството во регионот на сите нивоа и за меѓусебна помош и поддршка во остварување на зацртаните цели и развојни планови. Исто така, беа потенцирани заедничките заложби за достигнување и исполнување на релевантните меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај и транспорт, како основен услов за остварување на успешни интегративни процеси во глобалниот европски воздухопловен транспортен систем.

Соговорниците го потенцираа значењето и неопходната потреба од заеднички регионален настап и учество во работата на Eurocontrol, ICAO, ECAC, EASA и останатите меѓународни воздухопловни организации и здруженија. На средбите беше договорено меѓусебната плодна соработка да биде интензивирана во наредниот период на оперативно и техничко ниво, преку размена на искуства, знаења и позитивни практики на експертите и стручните лица на конкретни проекти, во рамки на основната дејност на цивилните воздухопловни власти.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika