Вести

  • |

06.03.2019


Интервју со Ива Матиќ, жена пилот


  1. За некои сон или страв, но за Вас летањето е нешто вообичаено... или така изгледа од наш агол?

- Во раните години секое дете има свој сон, а јас сонував да летам. Со многу вложен труд и напорна работа сонот ми стана секојдневие. Летањето ми претставува огромно и инспиративно доживување, иако е скоро секојдневно.

  1. Технологијата се движи со енормна брзина, па секогаш се поставува прашањето: постојат ли граници на можностите?

- Во денешницата, по примерот на NASA, Blue Origin, Airbus, Boeing, SpaceX итн. очигледно е дека технологијата се развива со warp брзина. Како пилот, но и како магистер по електротехника и информациски технологии верувам дека нема граница и дека ќе освоиме незамисливи врвови во наредните години, векови. Но пред сé, само додека си го чуваме домот, градот, државата, Планетата на која живееме. 

  1. Денеска и не е така невообичаено жена да биде пилот. Дали секогаш било така?

- Како што знаеме од годините наназад сигурно и не било, иако денешната жена се повеќе ги руши стереотипите. Но, за жал, морам да потенцирам дека кај нас и пошироко на Балканот жените сеуште се потценети.

  1. Која е Вашата приказна? Како стигна Ива до пилотската кабина?

- Како што наведов погоре, тоа ми беше детски сон, но со многу откажувања и посветеност стигнав до пилотската кабина на армискиот Ми-17. Отскочна даска ми беше Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), потоа селекцијата за воен пилот, која беше долга, ригорозна и квалитетна, следуваше обука во траење од година и пол каде што пилотирав на авион Злин 242 и на хеликоптер Bell 206B Jet Ranger, за конечно да стигнам до кокпитот на Ми-17. 

  1. Сега постојат огромни можности за совладување на знаења за работа во воздухопловството....Како се одвиваше Вашата обука во периодот кога влеговте во тренажен процес?

- Иако тоа беше пред 7 години, во Центарот за обука на пилоти ги имавме сите можности, материјали и алатки за нашата обука да се одвива во согласност со европските стандарди.

  1. Едно лично прашање: како реагираа Вашите најблиски на определбата да бидете дел од воздухопловството?

- Во почеток негодуваа, но подоцна кога ја поминав селекцијата и видоа дека летањето навистина ме исполнува, ме поддржаа и низ годините секогаш беа тука за мене, како родителите, брат ми и поблиската фамилија, така и пријателите.

  1. Некогаш и денеска... има ли крај инвентивноста на авиоиндустријата? Успевате ли да ги следите новите случувања во оваа индустрија?

- Како што наведов погоре, верувам дека нема. И да, успевам. Затоа и во наредниот период ќе се посветам на нешто сосем ново и модерно во оваа индустрија.

  1. Што ќе им препорачате на младите девојки на кои пилотирањето им преставува животен предизвик?

- Бидете истрајни, посветени, храбри. Имајте јасна цел и чиста мисла, само така можете да постигнете се. На крајот од денот, воздухопловот не знае дали сте вие маж или жена.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika