Вести

  • |

25.09.2019


Делегација на АЦВ присутна на 40-тото годишно Собрание на ICAO во Монтреал


На 24 септември во Монтреал, Канада, започна со работа 40-то годишно Собрание на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ICAO (International Civil Aviation Organization). Како специјализирана агенција на Организацијата на обединетите нации (ООН), ICAO ги востановува стандардите, препораките, принципите и техниките во меѓународниот воздушен сообраќај и транспорт, со цел да обезбеди уреден, ефикасен, унифициран и безбеден развој на воздухопловството на глобално ниво. Формирана е со Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство (Чикашка конвенција), потпишана од страна на 52 држави на 7 декември 1944 год. во Чикаго, САД.

Денес во ICAO членуваат 193 држави, што ја прави една од најголемите, највлијателните и најзначајните меѓународни организации во светот. Седиштето на ICAO се наоѓа во Монтреал, Канада. Нашата држава е полноправна членка на ICAO од нејзиното осамостојување, односно по приемот во ООН во 1993 год. Оваа година ICAO прославува значаен јубилеј - 75 години од своето постоење. Цели три четвртини од изминатиот еден век ICAO претставува темел на сите процеси, проекти и активности од областа на воздушниот сообраќај и транспорт на глобално ниво.

Собранието на ICАО е суверено тело на организацијата, се состанува најмалку еднаш на три години, а го свикува управниот орган на ICАО, Советот. Сите 193 држави - членки, како и голем број меѓународни организации се поканети на Собранието, на кое се утврдува глобалната политика на организацијата за претстојниот триениум.

За време на работните сесии на Собранието, детално ќе биде разгледана глобалната програма за работа на ICAO во областа на техничката, економската, правната и оперативната соработка. Резултатите од Собранието потоа ќе бидат дистрибуирани до другите тела на ICAO и до сите земји - членки, со цел да биде овозможена континуирана и непречена работа на организацијата, како што е пропишано во член 49 од Чикашката конвенција.

Секоја држава - членка има право на еден глас за одлучување по прашањата на Собранието, а одлуките на работните сесии се донесуваат со мнозинство гласови, освен ако не е поинаку предвидено со Конвенцијата.

Во работата на овогодинешното Собрание на ICAO учествува и трочлена делегација од Република Северна Македонија, составена од претставници од АЦВ и М-НАВ.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika