информации од јавен карактерЧленство во меѓународни организации

ICAO - International Civil Aviation Organisation

(Меѓународна организација за цивилно воздухопловство)

Формирана е како специјализирана агенција на Обединетите нации за време на Чикашката конференција за цивилно воздухопловство, одржана на 7 декември 1944 година во Чикаго. Седиштето на оваа организација е во Монтреал, Канада и нејзина задача е, во соработката со нејзините земји членки, да обезбеди меѓународното цивилно воздухопловство да се развива на сигурен, безбеден, редовен и ефикасен начин, а врз основа на принципот на еднаквост и рамноправност на сите субјекти, учесници во воздушниот сообраќај. Во моментов во неа членуваат 190 земји. Република Македонија стана членка на оваа Организација на 09.01.1993 г.одина со прифаќање на Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство (тн. Чикашка Конвенција) согласно Уставниот закон од 1991 година. Повеќе податоци за структурата, работата како и документите што ги издава оваа Организација, може да се најдат на нејзината интернет страна: www.icao.org

ЕCAC- European Civil Aviation Conference

(Европска конференција за цивилно воздухопловство)

Основана е како меѓувладина организација во 1955 г. со седиште во Париз, Франција, за унапредување на континуираниот развој на безбеден, ефикасен и одржлив систем на воздушниот сообраќај во Европа. Со својата долгогодишна работа на полето на цивилното воздухопловство, со пан-европското членство и тесните врски со Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) овозможуваат таа да служи како единствен европски форум за решавање на сите крупни прашања од сферата на воздухопловството. Република Македонија стана земја членка на Организацијата на 03.07.1997 г. Во неа членуваат 44 земји, речиси цела Европа и повеќе податоци за структурата, работата и документите што ги издава оваа Организација може да се најдат на нејзината интернет страна: www.ecac-ceac.org.

EUROCONTROL - European Organisation for the Safety of Air Navigation

(Европска организација за безбедност на воздушната навигација)

Формирана е во 1960 г., со седиште во Брисел, Белгија, со цел да се унапреди соработката во областа на системите на контролите на летање во Европа и на тој начин да се зголемат капацитетите на утврдените коридори во високиот воздушен простор. Примарна цел на оваа Организација е воспоставување на беспрекорен, пан-европски систем за организација на воздушниот сообраќај и затоа таа претставува витален инструмент за постигнување на највисоки стандарди во оваа област и водач на континуираниот развој на воздушната навигација на Европа. Таа е сочинета од 38 земји и Европската Заедница. Република Македонија стана земја членка на оваа Организација на 01.11.1998 година. Повеќе податоци за структурата, работата и документите што оваа Организација ги издава може да се најдат на нејзината интернет страна: www.eurocontrol.int

ЈАА - Joint Aviation Authorities

(Здружени воздухопловни власти)

Придружно работно тело на Eвропската конференција за цивилно воздухопловство (ЕСАС), со седиште во Хопдорф, Холандија, коешто ја започнува својата работа во 1970 г., со цел да се донесуваат, развиваат и спроведуваат заеднички унифицирани процедури, барања и стандарди во областа на сигурноста на воздушната пловидба. Агенцијата за цивилно воздухопловство стана членка на ова тело на 03.12.2008 година кое згасна како такво на 30 јуни 2009 година, но истото премина во Европската агенција за воздухопловна безбедност (European Aviation Safety Agency- EASA).

Интернет страна: www.jaato.com

EASA - European Union Aviation Safety Agency

(Агенција на Европската Унија за безбедност во воздухопловството)

Статус на набљудувач

Формирана е во 2003 година, но целата функционалност ја постигнува со преземањето на функциите од Здружените воздухопловни власти (ЈАА) во 2008 година. Седиштето на Агенцијата е во Келн, Германија и таа врши конкретни регулаторни и извршни задачи на полето на воздухопловната безбедност кои всушност се дел од клучните стратегии на Европската Унија за воспоставување и одржување на високи и изедначени стандарди во Европа. Мисијата на оваа Агенција е да обезбедува техничко-стручна помош за Европската Комисија со подготвување прописи за воздухопловна безбедност во најразлични сфери и техничка помош за склучување заеднички меѓународни спогодби. Агенцијата работи на полето на воздухопловната безбедност во смисла на издавање Уверенија за воздухопловни производи и организации кои учествуваат во проектирањето на воздухоплови и нивно одржување, со цел да се постигнат највисоки стандарди во пловидбеноста на воздухопловите и заштитата на животната средина. Врз основа на Мултилатералната спогодба за основање европска заедничка воздухопловна област (ЕЗВО) која Република Македонија ја потпиша во 2006 година, Агенцијата за цивилно воздухопловство потпиша Работен аранжман со оваа Агенција и обезбеди статус на набљудувач во истата. Во неа членуваат воздухопловните власти на 31 земја, а повеќе податоци за нејзината структура и работа можат да се најдат на нејзината интернет страна: www.easa.europa.eu