09.01.2013

 

Евтините авиобилети донесоа патници
НОВИ АВИОKОМПАНИИ ГО ПИKИРААТ МАKЕДОНСKОТО НЕБО

Државните субвенции за новоотворените авиолинии, пристапувањето кон системот на единствено европско небо и модернизацијата на аеродромите придонесоа во изминатата година да се зголеми бројот на патници на воздушните пристаништа „Александар Велики“ во Скопје и на „Св. Aпостол Павле“ во Охрид.

Според првичните неофицијални процени на воздухопловните власти, во минатата година низ македонските аеродроми минале околу 900.000 патници, што ќе претставува зголемување за околу 10 отсто во однос на 2011 година.

 

– За малку нема да ја достигнеме посакуваната бројка од еден милион патници кои летале од аеродромите во Скопје и во Охрид. Тоа во најголем дел се должи на престанувањето со работа на унгарскиот авиопревозник „Малев“ и на повлекувањето „Чех ерлајнс“ од летовите кон Прага. Сепак, ова е одличен резултат ако се знае дека авиосообраќајот во цела Европа е во криза поради тешката финансиска состојба во еврозоната. Извештајот на Меѓународниот совет на аеродроми покажува дека европските аеродроми во изминатата година се соочуваа со намален број на патници за 1,5 до 2 отсто- вели Дејан Мојсовски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

 

Лани од земјава почнаа да летаат неколку нискобуџетни авиокомпании, како „Виз ер“, „Пегасус“, „Флај Дубаи“, „Ер Берлин“, што придонесе да се намалат цените на авионските билети, а македонските граѓани да добијат подобри авиоврски со Европа и со светот. За интересот доволно зборува податокот дека за еден месец дури повеќе од 15 илјади патници ги искористиле нискотарифните летови на „Виз ер“ за Малме, Дортмунд, Ајндховен, Базел, Тулуз, Минхен и Милано, кои стартуваа лани на 28 октомври.

 

– Изминатата година беше успешна, за што добивме и потврда од Евростат. Статистичката агенција на Европската унија забележува дека кај Македонија има најголем пораст на бројот на патниците во авион од земјите надвор од ЕУ чии податоци се разгледувале лани. И натаму очекуваме поголема конкуренција, која ќе овозможи да се намалат цените, да се зголеми бројот на рутите и да има подобрување на услугите – вели Мојсовски.

 

Тој вели дека македонските воздухопловни власти ќе ја поддржат која било авиокомпанија која ќе пројави интерес да лета од нашите аеродроми.

 

На почетокот од летото во 2012 година САД го отвори небото за летови од Македонија. Агенцијата за цивилно воздухопловство потпиша договор со американските воздухопловни власти со кој се регулира воздушниот сообраќај меѓу САД и Македонија. Но, сeуште се чека на авиокомпанија која ќе понуди директна линија до еден од американските аеродроми.

 

– Работиме да привлечеме авиокомпании кои би воспоставиле редовна авионска линија од Македонија до САД и до Kанада, каде што имаме голем број иселеници. Досега бевме повеќе ориентирани кон нискотарифните компании и воведување нови дестинации. Значаен удел во привлекување авиокомпании има и концесионерот ТАВ, кој во намерата скопскиот аеродром да го направи регионален центар на Балканот – вели Мојсовски.