Со пристигнување на првиот лет од аеродромот Пулково на Меѓународниот аеродром Скопје денеска и официјално беше воспоставена директната авиолинија Санкт Петербург – Скопје.
Авиолинијата на која ќе сообраќа руската компанија „Нордвинд“ е предвидено да се реализира секој вторник, со време на пристигнување во 13:35 часот и време на заминување во 14:40. Времетраењето на летот е три часа и 25 минути.

Овој распоред, како што најавија од Нордвинг, ќе важи до крајот на октомври, кога завршува летната сезона, а од 2 ноември годинава пристигнувањето на Скопскиот аеродром ќе биде 15:45, додека времето на заминување кон Пулково во 16:45.
-Оваа воздушна конекција од Скопје до Санкт Петербург се воспоставува првпат во историјата на македонските аеродроми. Веруваме дека македонските патници ќе ја искористат можноста да го откријат историското и културното наследство на ова прекрасно пристаниште на Балтичкото Море, поранешна царска престолнина на Русија опишана во руската литература. Во исто време, граѓаните на Санкт Петербурк за само три часа и 25 минути ќе можат да уживаат во убавините на Северна Македонија и соседните држави, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Директорот за приходи во Нордвинг ерлаинс, Ибрахим Јилдиз, пак нагласи дека, ова е втора директна линија по воспоставувањето на авио врската Скопје – Москва во јуни годинава.

-Почнуваме со летот секој вторник или по еден лет неделно, со многу комфорен распоред. Како една од водечките авиокомпании во Русија со осум милиони патници годишно и флота од 60 воздухоплови, им нудиме на патниците не само можност за истражување на неверојатната историја, архитектура природа и поставки, туку и на многу други атракции на Санкт Петербург, напомена Јилдиз.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го поздрави воспоставувањето на првата директна авиолинија до Санкт Петербург, изразувајќи верување дека ќе има голем потенцијал и дека ќе биде од огромна корист, како што рече, и за нашите, но и за граѓаните на Руската Федерација поради можноста за зголемување на бизнис релациите, туристичките посети и унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји.

Бочварски, меѓудругото потенцираше и дека, земјава бележи позитивен тренд на бројките во авиосообраќајот за разлика од лани кога имаше рестрикции на летовите поради корона кризата. Во овој период, нагласи Бочварски, приоритет е обнова и зголемување на бројот на линиите. -Во периодот јануари – август 2021 година во однос на истиот период во 2020 година имаме  тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми во земјава, од кои на скопскиот зголемувањето е 51, а на охридскиот 17,4 проценти.

На промоцијата на новата авиолинија на релација Санкт Петербург-Скопје, присуствуваше и директорот на АЦВ, д -р Томислав Тунтев.