23.01.2019

Серијата работни средби со релевантните субјекти од сферата на цивилното воздухопловство во земјава, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, вчера ја продолжи, со претседателот на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, г-дин Зоран Илиевски.

На состанокот, беше изразена целосна подготвеност за продолжување на меѓусебната соработка помеѓу воздухопловниот регулатор и специјализираниот комитет, во насока на превентивно делување кај сите релевантни фактори, за подигнување на нивото на безбедноста на воздушниот сообраќај и унапредување на националниот воздухопловен транспортен систем.

Тунтев го информира Илиевски за текот на постапката за донесување на измените и дополнувањата на Законот за воздухопловство, со кои дополнително ќе биде обезбедено усогласување на националната воздухопловна легислатива со најновите меѓународни воздухопловни стандарди и препорачани практики.

Двајцата соговорници, меѓу другото, се осврнаа и на потребите од зацврстување на меѓусебната соработка на сите сегменти и функционални системи што се инволвирани во функционирањето на Националниот комитет за безбедност во воздушниот сообраќај, беше истакната потребата од заедничко и координирано превентивно делување кај сите цивилни, армиски, полициски, специјализирани и други правни и физички лица во државата што се занимаваат со воздухопловни активности, за да се избегнат било какви евентуални инциденти. Тунтев и Илиевски се согласија и дека за зајакнување на функционалнсота на двете институции, е неопходно  навремено исполнување на сите обврски кон релевантните меѓународни организации и субјекти, од областа на воздушниот сообраќај и транспорт.

Првите луѓе од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од КИНСИВ ги потврдија заедничките заложби за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете институции во рамки на законски утврдените надлежности.

Илиевски го информираше Тунтев за актуелните предмети на коишто работи комитетот, во согласност со своите овластувања кои произлегуваат од националната легислатива и меѓународните стандарди и препораки од областа на воздушниот сообраќај и транспорт. Беше истакната потребата од континуирана соработка со сите релевантни институции и со државните органи на прогон, за да се овозможи професионално, сеопфатно и плодотворно делување на АЦВ и КИНСИВ во истражувањето на сите дејства и последици настанати при евентуални несреќи или сериозни инциденти во сферата на националното воздухопловство.