Дневник, 23.04.2010

 

Воздушниот сообраќај во Европа вчера целосно беше воспоставен, соопшти Европската агенција за контрола на воздушниот простор „Евроконтрол“. Беше предвидено да се извршат сите летови низ Европа предвидени за вчерашниот ден, како и сите 338 трансатлантски лета.

Во соопштението на „Евроконтрол“ се забележува дека целиот воздушен простор над Европа ќе биде отворен на височина над 20.000 фита (6.000 метри). Под оваа височина остануваат затворени некои зони над Финска и над северна Шкотска. Последните информации покажуваат дека вкупните загуби на авиокомпаниите надминуваат 2 милијарди долари. Превозниците се обидуваат да ги превезат стотиците илјади патници што останаа на аеродромите во последната недела поради блокирањето на воздушниот сообраќај во Европа, предизвикан од облаците пепел од еруптираниот вулкан во Исланд.Цивилните авијациски власти завчера ја бранеа одлуката за приземјувањето на авионите и за затворање на воздушниот простор. Нивната реакција следуваше по засилените критики на раководствата на авиокомпаниите дека оваа одлука била донесена врз основа на некоректни податоци или непотврдени стравувања.

Генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА), Џовани Бизињани, завчера изјави дека 29 отсто од светската цивилна авијација и 1,2 милион патници на ден биле зафатени од затворањето на воздушните простори.- Авиокомпаниите пресметале загуби од 2,2 милијарди долари – дополни Бизињани. Тој ги повика европските влади да им ги компензираат загубите на авиокомпаниите, како што направи Вашингтон по терористичките напади од 11 септември 2001 година.