Во рамки на воспоставената регионална соработка помеѓу регулаторните воздухопловни тела, минатата седмица во Софија се одржа работна средба на претставници од цивилните воздухопловни власти на Северна Македонија и Бугарија на највисоко ниво. Делегација на македонската Агенција за цивилно воздухопловство беше љубезно и срдечно примена од страна на своите колеги од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Бугарија.
На средбата взаемно беше истакната потребата за продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу регулаторните тела во сферата на воздухопловството во регионот на сите нивоа и за меѓусебна помош и поддршка во остварување на зацртаните цели и развојни планови. Исто така, беа потенцирани заедничките заложби за достигнување и исполнување на релевантните меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај и транспорт, како основен услов за остварување на успешни интегративни процеси во глобалниот европски воздухопловен транспортен систем.
Соговорниците го потенцираа значењето и неопходната потреба од заеднички регионален настап и учество во работата на Eurocontrol, ICAO, ECAC, EASA и останатите меѓународни воздухопловни организации и здруженија. На средбата беше договорено меѓусебната соработка да биде интензивирана во наредниот период на оперативно и техничко ниво. Тоа подразбира размена на искуства, знаења и позитивни практики меѓу стручните лица, како и реализирање на заеднички инспекциски надзори врз субјектите од авиоиндустријата во двете земји, во рамки на основната дејност на цивилните воздухопловни власти.