Европскиот цивилен воздухопловен систем во 2021 год. забележа делумно, но сепак евидентно и одржливо закрепнување на сообраќајот во споредба со 2020 год. Сепак, негативното влијание на светската здравствена криза со Ковид-19, која што започна на почетокот од 2020 год., продолжи да се чувствува во сферата на воздушниот сообраќај со сета своја немилосрдност и во текот на 2021 год. Според податоците на EUROCONTROL објавени во нивниот Think Paper #15 од јануари 2022 год., бројот на летовите на европското небо во 2021 год., во споредба со 2019 год., се движеше со пад од 64% во јануари, завршувајќи со пад од 22% во декември. Со други зборови, просечниот дневен број на летови во Европа во јануари изнесуваше 9.241, а во декември 20.028.

 

Масовното вакцинирање на населението и воведувањето на дигиталните сертификати за Ковид-19 во државите на ЕУ помогнаа во одредена мерка да се обезбеди релативно солиден пораст на физичкиот обем на сообраќајот во текот на второто полугодие од 2021 год., при што во текот на летните месеци беа достигнати околу 73% од сообраќајот во истиот период во „предковидната“ 2019 год. Сепак, вкупниот сообраќај во 2021 год. на годишно ниво остана за 44% помал од сообраќајот во 2019 год. Изразено во апсолутни бројки, во 2021 год. беа реализирани 6,2 милиони летови, односно 4,9 милиони летови помалку од 2019 год. Тоа претставува извесно подобрување во однос на 2020 год., кога беа реализирани околу 5 милиони летови, односно 6,1 милиони летови помалку во однос на 2019 год.. За потсетување, во текот на 2019 год., која се зема како репер при изработката на сообраќајните статистички анализи, извештаи и прогнози, на европското небо беа реализирани вкупно 11,1 милиони летови.

 

Зголемувањето на предвидливоста, односно намалувањето на неизвесноста, како и континуираното враќање на патувањата, им помогнаа на авиокомпаниите и на аеродромите во 2021 год. да останат некако „во живот“, иако финансиските биланси на сите субјекти во авиоиндустријата останаа „во црвено“. Вкупните финансиски загуби на европските авиопревозници во 2021 год. изнесуваат околу 18,5 милијарди евра, при што се превезени 1,45 милијарди патници помалку во однос на 2019 год. Коефициентот на полнење на авионите, што кај превозниците се движеше околу 50-60%, имаше силно влијание врз профитабилноста, при што најголемите авиопревозници забележаа намалување на вкупниот број на летови од 30%-64% на годишно ниво.

 

На македонското небо во 2021 год. беа реализирани околу 316.000 прелети, што претставува намалување од 36% во однос на бројот на прелети во 2019 год. Тоа предизвика намалување на годишните приходи од прелети за македонскиот воздухопловен систем од 23%. Истовремено, на двата македонски аеродроми во 2021 год. беа реализирани околу 14 илјади полетувања и слетувања, што е за околу 7 илјади операции, односно за 32%, помалку во споредба со 2019 год.

EUROCONTROL во 2022 год. очекува реализирање на околу 9,3 милиони летови на европското небо, односно достигнување на 84% од бројот на реализираните летови во 2019 год. Ваквата прогноза се темели врз основа на анализите, сценаријата и проекциите за движењето на физичкиот обем на сообраќајот во наредниот петгодишен период, што EUROCONTROL ги објави во октомври 2021 год. Имено, EUROCONTROL има предвидено 3 сценарија.

 

Основното, или т.н. реално сценарио, предвидува достигнување на нивото на воздушен сообраќај од 2019 год. кон крајот на 2024 год. Според оптимистичкото сценарио, кое претпоставува интензивно масовно вакцинирање на луѓето на глобално ниво, брзо обновување на интерконтиненталните летови и укинување на сите ограничувања и заштитни антиковид мерки во државите на ЕУ, бројот на летовите од 2019 год. би можел да биде достигнат на почетокот на 2023 год. Песимистичкото сценарио, во услови на забавено вакцинирање на населението и еднострано воведување на нови и построги заштитни антиковид мерки или други рестрикции во користењето на воздушниот простор од страна на државите во ЕУ, предвидува достигнување на нивото на сообраќај од 2019 год. дури кон крајот на 2027 год. Сепак, според сообраќајните движења на европскиот континент во првите 3 месеци од 2022 год., најверојатно сценарио за остварување на физичкиот обем на воздушниот сообраќај е основното, или т.н. реално сценарио. Според него, во 2023 год. се очекуваат 10,5 милиони летови, во 2024 год. 11.1 милиони летови (колку што имаше во 2019 год.), во 2025 год. 11,3 милиони летови, во 2026 год. 11,6 и во 2027 год. 11,8 милиони летови.

 

Иако делумното закрепнување на воздушниот сообраќај во 2021 год. овозможи опстојување на поголемиот број од европските авиопревозници, аеродроми, производители на воздухоплови, даватели на аеродромски или навигациски услуги, и другите субјекти од авиоиндустријата, оваа 2022 год. ќе биде клучна за враќање на профитабилноста во секторот, како и за постигнување на напредок во одржливоста. Во 2021 година беше остварена широка меѓународна соработка за основните активности што треба да се преземат на глобално ниво, во услови на тешка и непредвидлива здравствена криза, но сепак посакуваниот напредок сè уште заостанува. На меѓународната заедница и‘ стана јасно дека не смее да се пропушти можноста за развивање на потесна, покоординирана и поефикасна меѓусебна соработка, во смисла на преиспитување на начинот на којшто глобалниот воздухопловен транспортен систем е финансиран, регулиран и интегриран, за да се постигне посакуваната отпорност и одржливост во услови на било каква глобална криза. Истиот принцип треба да се применува и кон јасно декларираната интенција на сите европски држави за целосна декарбонизација на европската авијација до 2050 год.

 

Април, 2022 год.

 

д-р Томислав Тунтев

Директор