Во просториите на Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје се одржа работна средба на д-р Томислав Тунтев, директор на АЦВ, со г-дин Раул Медина, директор на шпанската цивилна воздухопловна власт. На средбата учество зедоа и дел од соработниците од менаџерските тимови на двете агенции. Средбата се одржа во пресрет на двата значајни претстојни настани во сферата на меѓународното воздухопловство: 57-та редовна сесија на Привремениот Совет на Еуроконтрол во Брисел и 41-та редовна сесија на Собранието на ИКАО во Монтреал.

На средбата беа разменети мислења и ставови во врска со поголем број важни прашања и активности од областа на меѓународната соработка во рамките на воздухопловните организации и здруженија. Акцент беше ставен на потребата од зголемување на интензитетот на меѓусебната соработка и поддршка помеѓу државите членки на европските меѓународни воздухопловни организации, во услови на здравствена, воена, енергетска и економска криза на европскиот континент.

На средбата, исто така, беа разгледани и можностите за развој на билатералната соработка во областа на безбедноста, обезбедувањето, олеснувањето, инспекцискиот надзор и регулацијата на активностите на субјектите од авиоиндустријата. Соговорниците се сложија околу констатацијата дека релевантните меѓународни воздухопловни организации треба да обрнат посебно внимание и со конкретни проекти да дадат поддршка на развојот на воздухопловните системи и регулативата во земјите што аспирираат за членство во ЕУ.