Во организација на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Црна Гора,  на 10 и 11 мај, во Подгорица, се одржаа состаноци на работните групи и експертскиот тим на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство (RASARAC – Regional Aeronautical Search and Rescue Advisory Committee).

На состаноците присуствуваа претставници на RASARAC од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и земјата домаќин Црна Гора, специјалниот претставник на Eurocontrol за соработка со RASARAC, како и претставници на JRCC Ларнака, кипарскиот центар за пребарување и спасување и обука во оваа област.

На средбата беа отворени голем број теми како што се подобрување на меѓусебната соработка и поддршка на земјите членки, градење и развој на капацитети во областа на потрага и спасување на воздухоплови, подобрување на оперативната прекугранична соработка и соработка со организации како што се ICAO, Eurocontrol, COSPAS-SARSAT и поддршка за имплементација на ICAO стандарди, регулативи и процедури во оваа област. Исто така, беа донесени значајни заклучоци за понатамошната работа во рамките на овој комитет и воспоставување координација со други странски и меѓународни организации вклучени во областа на потрагата и спасувањето.

RASARAC е основан во 2016 година, а во неговата работа  учествуваат 10 земји – Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија, Црна Гора и Чешка, како и организациите за цивилно воздухопловство, Eurocontrol и ICAO.