Минатата седмица во Белград се одржа средба на директорите на агенциите за цивилно воздухопловство од неколку држави во регионот, прва од таков вид во рамки на повеќегодишната воспоставена меѓународна регионална соработка во областа на воздушниот сообраќај.

Средбата се одржа како резултат на заедничката иницијатива на првите луѓе на воздухопловните регулаторни тела од балканските држави за продлабочување и унапредување на меѓусебната билатерална и мултилатерална соработка, и за заеднички регионален настап во релевантните меѓународни воздухопловни организации, за прашања што се од заеднички интерес за развој на авиоиндустријата во регионот. На оваа прва средба, на којашто беа детерминирани активностите и приоритетите на идната меѓусебна регионална соработка, учество зедоа директорите на македонските, српските, босанските и црногорските цивилни воздухопловни власти.