МИА, 27.05.2010

 

Париз, 27 мај 2010 (МИА) – Денот на штрајкови и протести низ цела Франција за одбрана на работните места и пензиите се вистински тест за синдикатите, откако е најавена намерата на Владата да ја подигне старосната граница за заминување во пензија, сега утврдена на 60 годишна возраст.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, ова е последниот ден на протести и штрајкови пред да биде обелоденета, околу 20 јуни, содржината на реформата на пензискиот систем, кој се соочува со сериозен дефицит. Синдикатите сметаат дека денеска можат да мобилизираат повеќе, во споредба со последните протести одржани на 23 март, кога според синдикатот СГТ на улиците протестираа околу 800.000 лица и на 1 мај само 350,000 лица.

Според некои испитувања на јавното мислење, скоро две третини од Французите се подготвени да се мобилизираат против реформата на пензискиот систем, односно тие се зачувување на старосната гераница од 60 години. Железничкиот сообраќај и покрај штрајкот речиси нормален се одвива на меѓуградските и меѓународните линии со голема брзина ТГВ, додека од регионалните возови се осигурани само 80 проценти од линиите. И во париското метро сообраќајот редовно се одвива.

Ситуацијата станува посложена во цивилниот воздушен сообраќај, со оглед дека Дирекцијата за цивилна авијација побара од компаниите да ја намалат нивната програма на летови за 30 отсто на аеродротмот Орли и за 10проценти на аеродромот Роаси – Шарл де Гол. Во државните медиуми, радио програмите од групата Радио Франс се серизоно нарушени, изутринава немаше ниту една информативна емисија, а се очекува прекин на работата во Поштата, телекоминикациите, државната телевизија, банките и осигурителните компании, образованието и енергетскиот сектор. тг/ми/11:14