МИА, 01.06.2010

 

Лондон, 1 јуни 2010 (МИА) – Претставници на британската авионска компанија „Бритиш Ервејз“ и синдикатот „Унита“ почнаа нова рунда преговри за 15-месечните несогласувања за новите договори за платите и за условите за работа на дел од кабинскиот персонал на авионите, јави дописникот на МИА од Лондон.

Новите преговори се оддржуваат во време додека е во тек третиот штрајк од по пет денови што го организира синдикатите незадоволни од спротивставувањето на управата на „Бритиш Ервејз“ во текот на мај. Последниот штрајк од оваа серија е закажан за 5 јуни. Синдикатот „Унита“ во кого членуваат луѓето вработени како помошен персонал во авионскиот сообраќај, најави серија штрајкови и во текот на јули годинава, зголемувајќи го притисокот врз управата на компанијата да попушти пред барањата на вработените.

Претставник на синдикатите го обвини раководството на најголемата британска авионска компанија дека настојуваат да го „скршат отпорот на работниците“ и да спречи тие да се вратат на работа. Во оваа рунда преговори, синдикатите бараат од Управата на „Бритиш Ервејз“ да им ја врати на вработените кои штрајкуваа привилегијата за бесплатно патување, како и да го прекиен процесот за дисциплинска истрага против сите што одбија да работат во текот на штрајковите во март и во мај. Управата на компанијата, меѓутоа, соопшти дека тоа барање на синдикатите може да се прифати само како дел од постигнатиот договор, што сега изгледа невозможен.

Авионската компанија во деновите на штрајкот го прилагоди редот на летовите според намалениот број луѓе на работа, за летовите од лондонскиот аеродром „Хитроу“, додека нема никакво пореметување на летовите од аеродромите „Гетвик“ и „Сити“. Од неделата, „Бритиш Ервејз“ успеа да ги обнови и летовите за Њујорк од аеродромот „Хитроу“, што досега беа во прекин додека траеше штрајкот на кабинскиот персонал. ти/ми/12:55