Популаризација на воздухопловните професии меѓу младата популација, е целта на Саемот на воздухопловство, кој ќе се одржи во сабота, 30.10.2021 година, во градскиот парк во Скопје, во организација на невладината организација Авикон.

На едно место во исто време, контролори на летање, пилоти, воздухопловни инженери, инспектори за безбедност во авиосообраќајот и друг воздухопловен персонал, ќе се обидат да ја задоволат љубопитноста на голем број млади посетители, кои сакаат да ги спознаат вештините и знаењата со кои располагат носителите на овие значајни позиции во воздухопловниот сектор.

Со кои се предизвици треба да се соочат за стигнат до пилотска дозвола, како да се стекнат со сертификат за контролор на летање,  кои се надлежностите на инспекторите за безбедност во воздушниот сообраќај и многу други прашања и одговори, присутните ќе можат да добијат, на промотивните пултови на субјектите од воздухопловната индустрија и надлежните воздухопловни институции.

Агенцијата за цивилно воздухопловство на саемот, на својот промотивен пулт, ќе биде застапена преку тим од инспектори за надзор над безбедноста и сигурноста во воздушниот сообраќај во земјава, како и за заштита на правата на патниците во воздушниот транспорт.