На 26 јануари 2023 година во Скопје се одржа работен состанок помеѓу експерти од Агенцијата за цивилно воздухопловство и М-НАВ со претставници од тимот за Поддршка на државите во рамките на Директоратот за Европско зелено небо на EUROCONTROL (EGSD), со цел да се разгледа спроведувањето во 2022 година во Република Северна Македонија на активностите за Поддршка на државите, како и со цел да се дефинираат aктивностите за поддршка за периодот од 2023-25.

На самиот почеток од состанокот, г. Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство ги поздрави претставниците од EUROCONTROL, истакнувајќи го значењето  што континуираната соработка, која се одвива во рамките на програмата на EUROCONTROL за Поддршка на државите, го има за нашата земја,  а посебно за регулаторот и М-НАВ како давател на услуги на воздухопловна навигација. Во минатите години, во рамките на овој проект се реализираа важни активности што резултираше со зголемување на капацитетите на АЦВ и М-НАВ за имплементација на барањата кои произлегуваат од Заедничкото европско небо.

На состанокот, претставниците на EUROCONTROL го презентираа новиот 2023 Каталог на услуги и продукти на EUROCONTROL кој претставува заеднички производ на EGSD и NMD, и кој треба да им помогне на националните учесници во ATM попрецизно да ги формулираат барањата за поддршка во рамките на проектот Поддршка на државите согласно понудата на EUROCONTROL.

На состанокот беше договорено да се затворат три работни активности  (PBN, GAPPRE и ADQ/e-TOD), кои се реализираа преку поддршката во 2022 година, или пак со упатување на работа во EUROCONTROL (secondment).

Исто така, како дел од агендата, се разговараше и за потребите за поддршка за периодот од 2023-25 и бараните активности се дефинираа во новиот Анекс за Заеднички финансирани услуги (JFS) кон посебниот договор склучен со EUROCONTROL. Поддршката која ќе се дава во наредниот период главно ќе се фокусира на поддршка за имплементација на Регулативата 2017/373 на ЕУ и подготовка на М-НАВ да добие уверение за работа според тие услови најдоцна до март 2024 година.