Вчера во Белград беше потпишан Меморандум за соработка меѓу македонските, српските, црногорските, босанските, албанските и турските цивилни воздухопловни власти. На чинот на потпишувањето на меморандумот, покрај директорите на агенциите за цивилно воздухопловство од државите во регионот, присуствуваа и претседателот на Европската конференција за цивилно воздухопловство, и српскиот министер за транспорт. Основната цел на меморандумот е продлабочување на меѓусебната соработка меѓу воздухопловните регулаторни тела во регионот, олеснување во примената на меѓународната воздухопловна регулатива за сите субјекти во авиоиндустријата во државите во регионот и заеднички настап пред меѓународните воздухопловни организации и здруженија.

Меморандумот се однесува на следните конкретни активности: меѓусебно признавање и препознавање на пилотските дозволи, дозволите на авиомеханичарите, техничкиот персонал, контролорите на летање и лекарските уверенија за воздухопловниот персонал; спроведување на заеднички инспекции, стручни обуки и практични вежби за воздухопловните инспектори; формирање на регионално здружение на воздухопловни експерти; организирање на регионални тематски стручни форуми и семинари во соработка со субјектите од авиоиндустријата; размена на искуства и позитивни практики од областа на оперирањето на воздухопловите без екипаж, и сл. Сите зеднички проекти и активности ќе бидат во целосна согласност со меѓународните стандарди и препораки од областа на цивилното воздухопловство, односно со воздухопловната регулатива на ЕУ. На тој начин се создаваат реални услови и можности за побрз, поинтензивен и поефикасен развој на цивилното воздухопловство во Југоисточна Европа, како составен и нераскинлив дел од Единственото Европско Небо (Single European Sky – SES).