На 11.03.2020 во просториите на АЦВ се одржа средба со г.Анте Лажета, експерт од ЕАСА во врска со спроведувањето на проектот ЕАСА-ИПА 5 „Поддршка на ЕУ за транспозиција и имплементација на законодавството на ЕУ“. На средбата присуствуваа претставници од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Комитетот за истражување на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството и претставници на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Проектот ЕАСА-ИПА 5 е насочен кон обезбедување поддршка на Република Северна Македонија за интеграција во системот на ЕУ, преку исполнување на меѓународните обврски во областа на воздухопловната безбедност и преку унапредување на знаењето поврзано со системот за воздухопловна безбедност на ЕУ.

Овој проект ќе се одвива во периодот од 01.02.2020 до 03.01.2023 и ќе ги опфаќа следниве три компоненти:

  1. Подобрена способност за транспозиција на законодавството на ЕУ
  2. Подобрена способност за имплементација (теоретска обука, обука на работно место, учество на состаноци)
  3. Подобрено ниво на следење на процесите и законските прописи

Активностите преземени во рамките на овој проект ќе придонесат за понатамошен развој на работењето и капацитетите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.