На 28-ми септември 2021 година се одржа онлајн Работилница за култура на обезбедување во воздухопловството за повеќе корисници, организирана како резултат на соработката на Европската комисија и Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија. Работилницата е финансирана преку ТАИЕКС, инструмент за техничка помош и размена на информации на Европската комисија. Овој инструмент е наменет за поддршка на јавната администрација за приближување и спроведување на законодавството на ЕУ, како и за помош при споделување на најдобрите практики на ЕУ.

Целта на работилницата беше да се обезбедат совети и упатства за практичната примена на културата на обезбедување во воздухопловството. Нејзината реализација придонесе за размена на најдобрите практики и насоки за креирање на ефективна култура за обезбедување во воздухопловството во рамките на Западниот Балкан и Турција.

Поздравувајќи ги присутните, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, г.Томислав Тунтев изрази благодарност до Европската комисија за нивната исклучителна ко-организација на овој настан, како и за поддршката при споделувањето на најдобрите практики на ЕУ во областа на обезбедувањето во воздухопловството. Тој нагласи дека приоритети на Агенцијата за цивилно воздухопловство се вложување во обуката на персоналот во воздухопловството, како и поттикнување на регионалната соработка во областа на воздухопловството.

Предавачи на работилницата беа искусни експерти од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и цивилните воздухопловни власти на Франција и Летонија, кои ги споделија своите знаења и искуства во врска неколку интересни теми. Една од нив беше и презентацијата на глобалните инцијативи поврзани со одбележувањето на 2021 година како назначена година на културата на обезбедувањето од страна на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство. Воедно, тие пред педесетина претставници на цивилните воздухопловни власти и воздухопловната индустрија од регионот ги споделија најдобрите практики за создавање на ефективна култура на обезбедување во воздухопловството од аспект на националните воздухопловни власти, како и од аспект на аеродромите, авиопревозниците и давателите на воздухопловни услуги.