04.03.2019

  1. За некои сон или страв,  но за Вас летањето е нешто вообичаено… или така изгледа од наш агол?

Секако дека помислата на летањето или пак самото летање предизвикува различни чувства кај секој човек. И моето чувство е специфично и е најблиску и најслично со чувствата на вљубениците во летањето. Така, за мене летањето  не е нешто вообичаено! Претставува ентузијазам и желба да се гледат и видат далечни пространства, чувство на потрага по балансот помеѓу природата и човековите достигнувања, чувство на копнеж да се совлада уште еден човеков медиум и воздушните пространства бидат споделени со птиците.

2.Технологијата се движи со енормна брзина, па секогаш се поставува прашањето:  постојат ли граници на можностите?

Можносните за техничко-технолошко и информатичко унапредување и усовршување во цивилното (спортско и комерцијално)  и военото воздухопловство немаат граници. Особен интерес и предизвик е летањето со суперсонична брзина (поголема од брзината на звукот) што бара постојано истражувања и нови научни достигнувања. Во таа насока, се чинеше дека француско-британскиот проект, патничкиот суперсоничен авион  Конкорд  е совршено достигнување. Сепак, после деценија ипол летање, овој авион е приземјен, со цел доаѓање до поекономична и побезбедна варијанта на патнички надзвучен авион.

Напредува и спортското воздухопловство, што резултира со проекти на конструкција и производство на оргинални спортски модели во приватни фабрики за авиони. Во нашиот регион еден таков пример е приватната фабрика во Ајдовшчина – Словенија, чии мали спортски летала се барани и пласирани на светскиот пазар.

Сепак, надалекусежни и најсложени достигнувања се вселенските летови и престојот на цели екипажи во вселенските станици во научно истражувачки цели.

3.Денеска и не е така невообичаено жена да биде пилот. Дали секогаш било така?

Се сметаше, а и сеуште се смета дека пилотирањето е машка професија. Тоа е некоја предрасуда што од ден на ден сè повеќе се надминува. И добро е што е така! Ова од причина што да се биде пилот зависи од психо физичката и здравствена состојба, беспрекорната обученост и знаење и желбата, а сите овие карактеристки може да ги поседуваат и жените како и мажите. Затоа и летањето на жените е сè почесто и поуспешно.

4.Која е Вашата приказна? Како стигна Тања до пилотската кабина?

Најпрвин, како член на секцијата за воздухопловно меоделарство во ОУ Вук Караџиќ во Куманово, под раковоство на почитуваниот професор по популарното ОТО, наставникот  Зоран Митровски, покажав забележителни резултати на неколку општински и републички олимпијади за млади техничари и природњаци, освојувајќи неколку први места. Бидејќи овие активности беа нужно поврзани со спортскиот аеродром,  запознав вистински пилоти, едриличари и падобранци, што за мене беше откривање на еден нов свет, преполн со, за мене, нешто непознато и предизвикувачко за чие осознавање добив неодолива желба. Моето присуството на аеродромот зачести кога и да таму се случуваше нешто.  Бидејќи бев само моделар, а го следев секој чекор на сите воздухопловци, веќе врвните летачи и падобранци ме нарекоа член на посматрачка секција и ме повикуваа секогаш по нешто да им помогнам или да пронајдам нешто кое е изгубано во моментот.

Во осумдсетите години кога започнав со летачките активности бев единствената девојка едриличар и спортски моторен пилот. Активноста ми беше овозможена како резултат на мојата екстремна заинтереираност и желба за летањето од најмали нозе. Таа желба беше препознаена и вреднувана во Аеро клубот Доне Божинов во Куманово, па така во 1981 год. најпрвин ја завршив теориската обука, ги поминав строгите здравствени прегледи, ја завршив едриличарската обука  на спортскиот аеродром во Новаци- Битола. Следната 1982 година го поминав истиот пат на обуката за спортски моторен пилот во Куманово, на спортскиот авион од типот Утва 75.. Наставник ми беше врвниот професионален пилот Војче Петковски. За прв пат полетав сама (лаширав) по нешто помалку од  7 часа обука во воздух реализирани во 9 дена обука. Како женско, лаширав прва во генерацијата, за да ги охрабрам „класиќите” од генерацијата на која припаѓав.

5.Сега постојат огромни можности за совладување на  знаења за работа во воздухопловството….Како се одвиваше Вашата обука во периодот кога влеговте во тренажен процес?

Во периодот 1981-1988 год. речиси секојдневно во летните месеци траеше тренажниот процес, а со совладување на летачките техники етапно: школски круг, работа во зона, маршрути, противпожарно извидување, натпреварувачње на аерорели- учествував на два републички натпревари, понатаму летање „во пар”, а особена гордост ми претставуваат неколкуте  акробатски летови кои со наставникот, инаку врвен професионален летач Никола Петковски ги реализиравме на спортскиот аеродром во Куманово, на чешкиот модел Злин. Тоа се незаборавни летови кога по само неколку показни акробации,  лупингот, ваљакот, ковитот, елементите понатаму ги работев сама. Колку што дозволуваа можностите продолжив и со едриличарството . Летев на двоседот Бланик и на едноседот Пилатус. Во овој период ги положив испитите за спортски моторен пилот, а по една година и за пилот на едрилица со што се стекнав со 2 дозволи на спортски моторен пилот и за пилот на едрилица. Особено значаен период за моето летање е 1984 година, кога на распишаниот конкурс за прва генерација на Школата за резервни офицери жени пилоти, бев примена на обука во военото воздухопловство на Воената воздухопловна академија во Задар. Обуката траеше 6 месеци во извонредни услови на Академијата, соработка со класичите и наставниците. Бевме 4 девојки пилоти од цела поранешна Југославија, поточно 1 девојка од Словенија, 2 од Србија и јас. За разлика од мене што бев  само спортски пилот, две девојки беа наставници по летање и натпреварувачи, а едната од нив се пензионира како управник и наставник во Аеро клубот во Лесковац.  Девојката од Нови Сад на обуката дојде како професионален пилот. Таа и денес професионално лета за швајцарска карго компанија. На обуката во Задар ги реализирав првите и единствени 2 падобрански скока предвидени со програмата. По завршената обука успешно ги положивме испитите и бевме унапредени во чин потпоручник.

6.Едно лично прашање:  како реагираа Вашите најблиски на определбата да бидете дел од воздухопловството?

Како повеќето родители што би биле, и моите родители  беа загрижени и најпрвин се обидоа со добро д ме убедат да запрам на моделарството. Но, после една моја ненадејна повредна на час, ми дозволија  да летам со изреката дека и на земја може да се случи лошо нешто. Впрочем, изгледа дека мојата повреда ги убеди самите нив. Подоцна  грижата им премина на тоа како сум стасала до аеродромот, да не сум гладна или жедна, па ако не беа сигурни дека се е во ред, доаѓаше татко ми да ми донесе доручок. Мајка ми дојде само два-три пати со малите внуци од брат ми. Во една прилика ми призна дека ноќта пред моите падобрански скокови цела ноќ не заспала. Нека им е вечна славата, ги совладаа сите свои грижи и стравови за да на мене ми го отворен патот кон остварување на желбата за летање.

7.Некогаш и денеска… има ли крај инвентивноста на авиоиндустријата? Успевате ли да ги следите новите случувања во оваа индустрија?

Највоопштено, сигурна сум дека авиоиндустријата секојдневно се унапредува и усовршува и тоа од сите аспекти, особено електрониката, аеродинамоката, моторите, квалитетот на материјалите и сл. Малку повеќе сум одалечена од современите случувања заради што не се чувствувам најкометентна за  попрецизни детали.

8.Што ќе им препорачате на младите девојки на кои пилотирањето им преставува животен предизвик?

Реализирајте ја својата идеја и желба! Работете вредно и посветено со љубов и ентузијазам, изборете се вивнете во сините хоризонти, затоа што ВИЕ ТОА ГО МОЖЕТЕ!!!