На 3 јули во Белград, во просториите на Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија, се одржа регионална средба на претставници на цивилните воздухопловни власти од регионот, со директорот на Еуроконтрол, г-динот Раул Медина. На средбата учествуваа генералните директори од српската, македонската, црногорската и албанската агенција за цивилно воздухопловство, придружувани од своите соработници – експерти за безбедност на воздушниот сообраќај и за меѓународна соработка. На средбата, исто така, присуствуваше и претставник од турските цивилни воздухопловни власти.

Директорот на Европската организација за навигација и безбедност на воздушниот сообраќај – ЕUROCONTROL – имаше можност од прва рака да се запознае со карактеристиките и спецификите на воспоставената интензивна меѓународна регионална соработка во областа на воздушниот сообраќај помеѓу шесте држави во Југоисточна Европа – носители на иницијативата Open Balkan Sky и потписници на Меморандумот за разбирање и заедничка соработка во сферата на цивилното воздухопловство. Целта на одржаната средба беше меѓусебно запознавање со идните регионални и национални проекти во областа на цивилното воздухопловство, со современите актуелни предизвици за безбедноста на воздушниот сообраќај и за зајакнување на соработката на Еуроконтрол со државите од регионот.

Заедничка беше констатацијата дека меѓународната соработка со релевантните меѓународни воздухопловни организации е од голема важност за сите земји од регионот, но дека и меѓусебната регионална соработка е од есенцијално значење за воспоставување на одржлив, отпорен и безбеден воздухопловен транспортен систем, како дел од пан-европската воздухопловна транспортна мрежа.