На 27 април 2020 год. се потпиша Меморандум за соработка помеѓу функционалниот блок на воздушниот простор BLUE MED (BLUE MED FAB) и Република Северна Македонија. Меморандумот за соработка претставува основа за учество на претставниците од Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство и М-НАВ АД давател на услуги на воздухопловна навигација, во активностите на Управниот одбор и работните тела на BLUE MED FAB. Во овој воздухопловен функционален блок на источниот медитерански дел од европското небо членуваат Италија, Грција, Албанија и Кипар, интегрирани со своите функционални управувачки и навигациски воздухопловни системи. Во идниот период ќе се разгледува потребата и ќе се проценуваат можностите за целосно придружување на Република Северна Македонија како рамноправен член на BLUE MED FAB.

Активното учество на македонските претставници во активностите на BLUE MED FAB има за цел разменување на искуства во имплементирање и хармонизирање со европската легислатива од областа на воздухопловството, размена на оперативни процедури, директиви, прирачници и упатства изготвени од националните воздухопловни власти, во насока на олеснување на таа имплементација и хармонизација, организирање на заеднички инспекции во одредени домени од областа на воздухопловна навигација, како и на заеднички експертски иницијативи, програми и обуки. Крајната цел е подигнување на нивото на безбедност и ефикасност, и зголемување на административните капацитетите, како на воздухопловните власти, така и на давателите на услуги на воздухопловна навигација.

Во овој момент се идентификуваат областите на соработка и лицата за контакт за секоја од тие области, односно по работните тела на BLUE MED FAB.

Следниот состанок на Управниот одбор на BLUE MED FAB е планирано да се одржи наесен во Атина, каде се очекува да се отпочне со активното учество на македонските претставници во работните тела на овој функционален воздухопловен блок.