04.04.2019

 

 

Во рамки на средбата на претставниците од македонските и грчките цивилни воздухопловни власти,  што се одржа во Скопје на највисоко ниво, првите луѓе од двете агенции потпишаа Меморандум за соработка.

Имајќи ја во предвид неопходноста од преземање на важни и значајни чекори во насока на целосно вклучување на македонскиот воздухопловен транспортен систем во рамките на Единственото европско небо (Single European Sky), како и заедничката посветеност кон споделување на искуствата и позитивните практики за достигнување и исполнување на релевантните меѓународни стандарди и препораки, и ценејќи ги вредностите од воспоставување на билатерална техничка соработка во областа на воздушниот сообраќај и транспорт, двете страни со Меморандумот ги договорија:

  • Заедничките цели, насоки и принципи на меѓусебната соработка;
  • Областите на идната меѓусебна соработка: лиценцирање, летечки операции, аеродроми, пловидбеност, регистар, навигациски услуги, управување со воздушниот сообраќај, безбедност, обезбедување од акти на незаконско постапување, патнички права;
  • Формирањето на работни групи и експертски тела за техничка и оперативна соработка.

При потпишувањето на Меморандумот за соработка, генералните директори на двете агенции за цивилно воздухопловство уште еднаш ја потенцираа зедничката подготвеност за почеток на конкретни активности и развојни проекти од областа на воздушниот сообраќај и транспорт, во рамки на воспоставената билатерална соработка помеѓу двете држави.