Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, денеска оствари работна средба со директорот на Царинската управа, м-р Ѓоко Танасоски, во рамки на воспоставената практика за континуирана комуникација со најодговорните луѓе од сите субјекти во авиоиндустријата – даватели на услуги во воздушниот сообраќај.

На средбата двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за продолжување на плодната и успешна соработка помеѓу воздухопловниот регулатор и давателот на царински услуги, во насока на подигнување на нивото на редовноста, уредноста и безбедноста на сообраќајот на македонските воздухопловни пристаништа. Тунтев го информира Танасоски за неодамна донесените измени и дополнувања на Законот за воздухопловство, со кои ќе се обезбеди усогласување на македонската воздухопловна легислатива со најновите меѓународни воздухопловни стандарди и препорачани практики, кои произлегуваат како обврска од Мултилатералната Спогодба за Европска заедничка воздухопловна област и Чикашката конвенција на ИКАО.

Тунтев и Танасоски, меѓу другото, се осврнаа и на потребите од регулирање и усогласување на одредени конкретни прашања и потреби од сферата на преземање соодветни мерки и активности за унапредување на царинската контрола на патници, багаж и карго на аеродромите. Исто така, беше потенцирана потребата од ефикасна соработка на воздухопловните сегменти и функционални системи што се инволвирани во одвивањето на воздушниот сообраќај на аеродромите, заедничките заложби за овозможување услови за континуиран пораст на физичкиот обем на сообраќајот, како и неопходноста од исполнување на сите преземени обврски кон релевантните меѓународни организации и институции од областа на воздушниот сообраќај и транспорт.

Двајцата соговорници го изразија своето нескриено задоволство и позитивните видувања во врска со остварениот значителен пораст на бројот на превезени патници и операции на воздухоплови на двете наши воздухопловни пристаништа, истовремено осврнувајќи се на неопходната потреба од техничко, инфраструктурно, технолошко, оперативно и кадровско унапредување на сообраќајно-технолошките процеси.

Првите луѓе на Агенцијата за цивилно воздухопловство и на Царинската управа ги потврдија заедничките заложби за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете институции во рамки на законски утврдените надлежности, кои треба да овозможат современи, безбедни, уредни и редовни аеродромски услуги. Тоа се однесува на воздушните превозници, како директни корисници на услугите на аеродромскиот оператор, и на патниците, со доследно почитување на нивните меѓународно загарантирани права, но и на позитивните воздухопловни и царински законски прописи.