28.03.2014

 

СЕВЕРНИОТ СОСЕД НА 3 АПРИЛ ГО ОТВОРА НЕБОТО ЗА ПРЕЛЕТИ НА ЦИВИЛНИ АВИОНИ

Извор: Вечер

www.vecer.com.mk

Деблокирањето на косовското небо доаѓа по цели 15 години откако беше затворен во 1999 година по бомбардирањата на НАТО авионите на Србија. Македонија очекува економски бенефит во делот на очекуваниот зголемен број на прелети и пониски цени на авиобилетите.

Уште една недела или поточно на 3 април се отвора горниот воздушен простор над Косово. Деблокирањето доаѓа по цели 15 години откако беше затворен во 1999 година по бомбардирањата на НАТО авионите на Србија. Оттогаш овој простор остана зона во која се забранети прелетувања на цивилни авиони на висина над 8.700 метри.

Токму ова беше главната тема на претставниците на воздухопловната власт на десет земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција), кои деновиве се сретнаа во Берово, а на која учествуваа и директорот на ЕУРОКОНТРОЛ, Франк Бренер; директорот на канцеларијата на ИКАО за Европа и Северноатлантскиот регион, Луис Фонсека де Алмеида; потоа претседателот на ЕКАК, Каталин Раду, како и давателите на услуги на воздухопловна навигација на Македонија (М-НАВ) и на Унгарија (Хунгаро Контрол), кои, впрочем, ќе ја преземат контролата над високиот воздушен простор над Косово.

Директорот на ЕУРОКОНТРОЛ истакна дека отворањето на воздушниот простор на Косово преку КФОР секторот е добар пример за годишна заштеда од 370 наутички милји, односно заштеда околу 24.000 тони гориво или 75.000 тони јаглерод диоксид.

– Отворањето на воздушниот простор е одличен пример за соработка на цивилниот со воениот сектор и користење на истите рути, што не е вообичаен начин на функционирање – нагласи Бренер.

Контролата на летањето на косовскиот воздушен простор на крајот на 2011 година и беше доделена на унгарската воздухопловна навигација (Хунгаро контрол), додека М-НАВ, како сосед, ќе помага со обезбедување радарска слика и комуникациските врски ќе им ги даде на користење на унгарските колеги. Македонската навигација дава радарска слика на контролите на летање во Белград и во Тирана, а не ги користи нивните капацитети. Хунгаро контрол, иако е подалеку од Косово отколку М-НАВ, сепак, го доби управувањето со косовскиот воздушен простор бидејќи е земја-членка на НАТО, а Македонија се уште не е.

Отворањето на косовското небо е корисно за Македонија од економска гледна точка. Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсоски, очекува зголемување за 20% на бројот на прелети, а за толку се очекува да пораснат и приходите кои државата ги остварува од овие услуги.

– Тоа ќе овозможи да се намалат цените во воздухопловниот транспорт и на цените на билетите за македонските патници што ќе ги плаќаат за патувања на европските и на светските дестинации бидејќи ќе се зголеми конкуренцијата меѓу авиокомпаниите – вели Мојсоски, кој ја истакна и важноста за дефрагментација на воздушниот простор во регионот и создавање најкуси и најфлексибилни авиорути.

Годишно во воздушниот простор над Македонија има околу 110.000 до 130.000 прелетувања на воздухоплови, при што од нив во касата на М-НАВ влегуваат од 10 до 12 милиони евра. По деблокирањето на косовското небо, ќе има дополнителни 24.000 прелетувања годишно, а со оглед на тоа дека еден прелет на авион, во зависност од растојанието што се прелетува над територијата на Македонија и тежината на авионот, во просек, чини од 50 до 100 евра, тогаш македонската навигација може да инкасира плус 2 до 2,5 милиони евра годишно.