Претставниците на Хрватската агенција за цивилно воздухопловство од 16-18 октомври 2023 година престојуваа во работна посета на Македонската агенција за цивилно воздухопловство, со која официјално започна реализацијата на проектот Твининг Лајт „Поддршка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“ финансиран од страна на ЕУ во износ од 250.000 евра.

Целта на проектот во Република Северна Македонија е да обезбеди експертиза и помош на македонските цивилни воздухопловни власти со цел да се поддржи одржливиот развој на цивилното воздухопловство во согласност со меѓународните стандарди и правото на ЕУ во областа на цивилното воздухопловство. Посебна цел е да се поддржи Агенцијата за цивилно воздухопловство во развојот и спроведувањето на националната правна рамка за цивилно воздухопловство преку зајакнување на капацитетот за вршење надзор на безбедноста и обезбедувањето на цивилното воздухопловство.

За реализација на проектот беа разменети мислења и искуства поврзани со постигнатото ниво на имплементацијата на меѓународните стандарди за поединечните компоненти кои се предмет на овој проект.