Во хотелот Мериот, во Скопје, денеска, се одржа воведна Конференција за проектот Твининг лајт „Поддршка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“, финансиран од ЕУ, кој го спроведуваат Хрватската агенција за цивилно воздухопловство и Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија како твининг партнери. На свеченоста присуствуваа високи претставници на јавната администрација на ЕУ, Хрватска и Македонија.

Специфичната цел на проектот е да се поддржи Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија во развојот и спроведувањето на националната правна рамка за цивилно воздухопловство, зајакнување на капацитетот за вршење надзор над безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство, подобрување на системот за управување и зајакнување на човечкиот капитал во согласност со Стандардите и препорачаните практики на ИКАО и законодавството на ЕУ.

Обраќајќи им се на присутните, министерот за транспорт и врски во Владата на РСМ, Благој Бочварски, истакна дека цивилното воздухопловство е од суштинско значење, бидејќи служи како катализатор за економски развој и глобално поврзување. Тој, исто така, изрази благодарност до ЕУ за поддршката на проектот.

Осврнувајќи се пак на очекувањата и предвидените резултати од проектот како земја- корисник, директорот на Македонската агенција за цивилно воздухопловство г-дин Томислав Тунтев, истакна дека тој и сите вработени во Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе продолжат да бидат посветени во нивната визија и мисија за воспоставување и извршување на сеопфатен, безбеден, добро организиран, ефикасен и еколошки систем за цивилно воздухопловство достапен за секого на правична основа.

На присутните им се обратија и г-дин Бого Феручио, заменик-шеф на Оддел на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, во име на ЕУ, која ги обезбеди средствата за реализација на овој важен проект, како и г-ѓа Ана Капетановиќ, директор на Хрватската агенција за цивилно воздухопловство.

Според Капетановиќ, во меѓусебно поврзаната и глобална индустрија како што е цивилното воздухопловство, партнерствата се од витално значење за поттикнување на соработката, како и овозможување напредок и колективно справување со предизвиците.