По повод одбележувањето на 100 годишнината од постоењето на македонското цивилно воздухопловство, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, денеска во Скопје, на 8 мина пензионирани македонски пилоти им врачи Благодарници, за придонесот кој како воздухопловен кадар го дале за развојот и промоцијата на воздухопловството во земјава.
Заблагодарувајќи им се на Илија Трајков, Крушарев Павле, Тосков Ѓорѓи, Свидирски Јован и Кузман Лаловски, што се одзваа на поканата за присуство на денешната свеченост, директорот Тунтев, им изрази длабока почит на летачките легенди за утврдувањето на темелите на македонското воздухопловство, како и за придонесот кој го давале за негова афирмација во земјава и светот.
Тунтев, меѓудругото и им порача, дека од исклучителна важност за перспективите на македонското цивилно воздухопловство, е да се продолжи со негување на традицијата за промоција на воздухопловството меѓу младата популација, како сериозен двигател на севкупните општествени текови, но и како професија со висок спектар на можности и силна економска перспектива.
Легендите на македонското цивилно воздухопловство, се заблагодарија на честа која им ја укажа АЦВ со денешната средба, која како што нагласија, преставува, вистинска можност после долги години уште еднаш да се сретнат со драги колеги и пријатели, со кои заеднички ги делеле љубовта, возбудата, задоволството и вештините во освојувањето на небото.
Евоцирајќи возбудливи спомени од “летачките денови”, сениорите во македонското воздухопловство, на младите генерации им порачаа да влезат во предизвикот кој значи, вивнување во сините хоризонти кои нудат широк спектар на можности за лична сатисфакција и професионална афирмација.
Тројца од пилотите од оправдани причини не беа во состојба да присуствуваат на средбата и лично да ги примат Благодарниците, па истите дополнително ќе им бидат врачени.
Денешната средба на првиот човек на АЦВ со пензионираните пилоти во земјава, е дел од серијалот на активности, посветени на одбележувањето на јубилејот 100 години од постоењето на македонското цивилно воздухопловство, кое своите почетоци како општествена појава, почна да ги бележи во третата декада од 20 тиот век.