По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8 ми март, директорот на АЦВ д-р Томислав Тунтев, оствари средба со пет македонски жени пилотки, припаднички на понежниот пол, но со силен дух, позитивна енергија, ентузијазам и храброст да бидат дел од македонската воздухопловна флота, која го допира небото ширум светот.

Посакувајќи им секој ден во годината да им преставува празник за душата и срцето, на Татјана Велкова, Ива Матиќ и Стефанија Димеска,Тамара Алексовска и Доротеа Боцевска директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав, Тунтев, им се заблагодари за придонесот кој го даваат за афирмација на македонското воздухопловство во земјава и светот, и им порача, да ја негуваат традицијата на промоција на воздухопловството меѓу младата популација, како сериозен двигател на севкупните општествени текови, но и како професија со висок спектар на можности и силна економска перспектива.

Заблагодарувајќи му се на директорот Тунтев на вниманието кое им беше посветено со денешниот гест, жените пилотки потенцираа дека, остануваат целосно посветени во напорите, да го дадат својот придонес, во унапредувањето, развојот и промоцијата на македонското воздухопловство во домашни и меѓународни рамки.

На новите генерации им порачаа, “нека нивниот животен дострел, им преставува дополнителен мотив да веруваат во себе, да се борат за своите соништа и да го достигнат небото. Не постои пречка која не може да биде совладана”, тврдат жените пилотки од земјава.

Според пилотката Ива Матиќ, младите девојки кои имаат желба да го допрат небото со воздухоплов, треба да бидат истрајни, посветени и храбри. Да имаат јасна цел и чиста мисла, и само така ќе можат да ги постигнат своите цели. “На крајот од денот, воздухопловот не знае дали сте вие маж или жена”, вели Матиќ.

Со јасна охрабрувачка порака до потенцијалните жени пилотки е и Тања Велкова: Реализирајте ја својата идеја и желба! Работете вредно и посветено со љубов и ентузијазам, изборете се, вивнете се во сините хоризонти, затоа што вие тоа го можете!

Младата Стeфанија Димеска, смета дека сите во животот имаат многу желби и некаква цел:”Со упорност, истрајност и пожртвуваност секоја имагинација можеме да ја реализираме.Јас можам, можете и вие “, им порача на младите генерации Димеска.

Тамара Алексовска, пак, ги охрабрува младите ентузијасти кои се сеуште се во дилема дали да полетаат кон небото  да направат мал чекор, а дека патот сам ќе им се трасира.

Со сличен став е и младата Доротеа Боцевска, која вели дека таа следејќи го својот сон ја достигнала слободата.”Летањето значи слобода, да се чувствуваш свој и исполнет со лична среќа”, порачува Боцевска.