Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Северна Македонија, д-р Томислав Тунтев, и директорот на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Турција, д-р Кемал Јуксек, минатата седмица во Истанбул потпишаа Меморандум за соработка од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај на комерцијалните летови со балони.
Меморандумот беше потпишан на меѓусебна средба на директорите на цивилните воздухопловни власти од неколку држави во Европа и Блискиот исток, што се одржа на маргините на 12-тиот Меѓународен форум за транспорт и комуникации, од 6-8 октомври во Истанбул, Република Турција. На меѓународниот форум, што беше одржан во организација на турското министерство за транспорт и инфраструктура, учество зедоа околу 25 илјади претставници од повеќе од 100 институции, организации и компании од целиот свет.
Потпишувањето на Меморандумот за соработка се реализира како резултат на соработката помеѓу македонските и турските воздухопловни власти, околу трансферот на меѓусебните функционални надлежности во врска со комерцијалните активности на оператори со балони, што беше воспоставена во текот на летото 2021 год. Иницијалната средба меѓу двајцата директори, Тунтев и Јуксек, беше одржана за време на 70-тото специјално заседание на генерални директори на воздухопловните власти на земјите од ЕСАС (Европската конференција за цивилно воздухопловство), што кон крајот на август се одржа во Тирана, Албанија, на која беа прелиминарно договорени меѓусебните права и обврски во рамки на идната институционална соработка.
На билатералната средба во Истанбул беа договорени уште неколку конкретни идни активности во рамки на меѓусебната соработка: стручна обука на македонските SAFA инспектори во Турција, користење на софтверските пакети на турската воздухопловна академија за обука на воздухопловните кадри од АЦВ, аплицирањето на Северна Македонија за членство во ротационата ЕСАС Црноморско-Касписка група и сл.