Агенцијата за цивилно воздухопловство, од 03 до 07 октомври,  е домаќин на TAIEX експертска мисија за транспонирање на Регулативите на ЕУ за беспилотни летала во националното законодавство.

Имајќи ја предвид зачестената употреба на беспилотни за рекреативни и комерцијални цели, од суштинско значење е да се воспостават соодветни национални правила и прописи, со цел, зачувување на безбедноста на пошироката јавност.

Во таа насока, Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА), изготви и усвои, регулаторна рамка која ги поставува основите за услугите со дронови. Дополнително, рамката овозможува воспоставување на воздушен простор (U-Space) во кој голем број на операции на дронови можат да се одвиваат истовремено со оние на воздухопловите.

Во рамките на оваа експертска мисија вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство заедно со експерти од Хрватска работат на транспонирање на овие регулативи во националното законодавство, кои на операторите на беспилотни летала, ќе им овозможат, безбедно да управуваат со беспилотните летала на територијата на целата држава.

TAIEX е инструмент за техничка помош и размена на информации на Европската комисија. Овој инструмент служи за поддршка на јавните администрации во приближувањето, примената и спроведувањето на законодавството на ЕУ, како и во олеснувањето на споделувањето на најдобрите практики на ЕУ.