Претставници од Агенцијата за цивилно воздухопловство на 28 јуни 2023 година учествуваа на Билатералниот скрининг за Поглавјето 14 – Транспортна политика кој се одржа во Брисел, како дел од Скринингот од Кластер 4 „Зелена агенда и одржливо поврзување“.

На состанокот беше презентиран прогресот кој беше постигнат во областа на воздушниот сообраќај, како еден од најважните столбови за економски раст и развој на Република Северна Македонија.

Во рамките на своите презентации претставниците од Агенцијата за цивилно воздухопловство ги информираа високите гости од Европската Унија за националната правна рамка, нејзината усогласеност и имплементација во однос на соодветните ЕУ директиви и регулативи од Анексот 1 од Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област, а посебно за областите како што се заштита на права на патници, безбедност, управување со воздушниот сообраќај и обезбедување во воздухопловството.

Исто така, беа презентирани и идните планови на АЦВ, како во делот на транспонирањето на ЕУ прописите во македонскиот правен систем, така и во однос на нивната имплементација и зајакнувањето на административните капацитети на Агенцијата за цивилно воздухопловство и Министерството за транспорт и врски.

Претставниците на Европската комисија го поздравија значајниот напредок кој е постигнат во областа на воздухопловството, начинот и квалитетот на кој беа изготвени и презентирани материјалите, како и посветеноста на воздухопловните власти на Република Северна Македонија во преземањето на активностите за исполнување на обврските кои се преземени со Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област.