Во Охрид, на 22 февруари 2023 година, Северна Македонија го презеде од Црна Гора претседавањето со Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство (RASARAC).

Република Северна Македонија од 2016 година е членка на овој Комитет, а досега неколку земји претседаваа со состаноците, меѓу кои Србија, Словачка, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Членството и досегашното вклучување во работата на RASARAC е од големо значење за македонското цивилно воздухопловство како начин за воспоставување посилна регионална соработка и стандарди во областа на потрагата и спасувањето.

Преку RASARAC ќе ја подобриме прекуграничната соработка на регионално ниво за потрага и спасување, како и размената на искуства, добри практики и експертско знаење. За време на нашето претседавање со Комитетот, се предвидува интензивна соработка со земјите-членки на RASARAC, каде се планираат состаноци на експертски тимови, како и состанок на управен одбор на ниво на генерални директори на воздухопловните власти на земјите-членки. Исто така, имаме намера да организираме работилница со поддршка на Европската комисија, користејќи ја програмата TAIEX, изјави Илир Мехмеди, раководител на Сектор за аеродроми и воздухопловна навигација во Агенцијата за цивилно воздухопловство на РСМ.

„Сакаме да ви посакаме успешна година и да продолжиме да работиме со сите вас, во интерес на подобрување на системот за потрага и спасување и воздухопловството во целост“, изјави Иван Шчекич, раководител на Сектор за воздухопловна навигација, во Агенцијата за цивилно воздухопловство на Црна Гора.

RASARAC е основан во 2016 година, а во неговата работа во моментов учествуваат 10 земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија, Црна Гора и Чешка), а Грција и Албанија изразија интерес да се приклучат.

Формирањето на овој Комитет беше поддржано од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) и ЕУРОКОНТРОЛ.