Утрински весник, 24.08.2010

 

Соња Маџовска Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе чешла зошто авиобилетите од и до Македонија се толку скапи. Моментно билетите од Скопје до Европа ретко се под 100 евра, без пресметани аеродромски такси.Високите цени на авиобилетите се причина зошто македонските два аеродрома имаат мал број патници, а аеродромите во соседството работат турбо, а граѓаните повеќе се решаваат да патуваат со автомобил. Првиот човек на Агенцијата, Дејан Мојсовски, вчера за „Утрински весник“ откри дека деновиве ќе почнат да вршат надзор врз редовноста, уредноста на летовите, но и на заштитата на правата на патниците, што ја вклучува и цената, покрај надзорот за безбедноста на летовите, што било и досегашна практика. Со ова тие очекуваат да утврдат зошто цените на авиобилетите се толку високи во земјава, како и на што се должи тоа. Агенцијата ќе утврдува колкави им се реалните трошоци на авиокомпаниите и дали тие соодветствуваат со цената на билетите. „Веќе е подготвен прашалник што ќе биде доставен до сите авиокомпании, кои оперираат на двата аеродрома во земјава. Тие ќе треба да даваат месечен извештај за уредноста, за редовноста, но и за цената на билетите, за цената на горивото, односно за вкупните трошоци што ги имаат компаниите и колку тие влијаат врз цената на авиобилетите. Такви извештаи авиокомпаниите ќе мора да доставуваат до Агенцијата, најверојатно од септември, но ќе бараме податоците да ги опфатат и летните месеци, односно и за јуни, јули и август, колкави им биле трошоците, а колкави биле цените на билетите. Цел на овој проект е да се утврдат реалните цени на авиобилетите“, вели Дејан Мојсовски од АЦВ. Со оглед на тоа што кај нас никогаш немало многу ниски, туку само многу високи цени, очигледно е дека Агенцијата ќе има полни раце работа, но прашање е колку ќе може да влијае да дојде до нивно намалување. „Ако процениме дека цените на авиобилетите се високи и дека трошоците се нереални, ќе им укажеме на авиокомпаниите дека тие нереално прикажуваат податоци. За сето ова ќе биде информирано и Министерството за транспорт и врски“, појаснува Мојсовски. Според него, и конкуренцијата треба да го направи своето. Тој како пример го посочува летот до Цирих, кој пред повеќе од една година чинеше 500 швајцарски франци, кога леташе само една авиокомпанија, додека сега чини помалку од 200 франци, но летаат шест авиокомпании. Мојсовски дури најави дека се можни и законски измени во делот на регулирањето на авиосообраќајот, доколку се покаже дека ТАВ, кој стопанисува со македонските аеродроми, не успее да донесе повеќе авиокомпании кои ќе нудат поевтини летови. Бидејќи, иако нашето небо е отворено, авиосообраќајот е либерализиран, а воздухопловните правила усогласени со европските, сепак, од нискобуџетните авиокомпании, кои нудат цени од 25 до 50 евра за билет до европските градови, нема ниту трага ниту глас. „Сега не можеме да ги регулираме цените на аеродромот. Тоа зависи од политиката на ТАВ, дали тие ќе им дадат поволности на авиокомпаниите што се заинтересирани да оперираат во земјава. Инаку, има интерес од компаниите кои имаат евтини авиобилети, како што се ’Виз-ер‘, ’Изи џет‘ и ’Рајан ер‘. Со сите се преговараше и им беа претставени сите поволности што ги дава земјава. Но, државата сега е надвор од договарањето со овие компании, бидејќи за тоа е задолжен ТАВ. Дали тие успешно ќе се справат со ова ќе видиме, по што ќе одлучиме дали е потребно да се донесат законски измени за да се инволвира и државата, за да им се дозволи на овие компании да оперираат во Македонија“, смета Мојсовски. Засега е очигледно дека нема некои ефекти од разговорите на ТАВ со овие нискобуџетни авиокомпании. Најголемите поплаки на авиокомпаниите, кои сега оперираат во земјава, а што авиобилетите ги прави скапи, е цената на горивото. Авиокомпаниите што работат во Македонија почнаа полека да ги намалуваат цените. „Во Македонија нудиме евтини летови. На пример, повратен билет за Виена чини 80 евра, со вклучени аеродромски такси, потоа за Рим летаме за 149 евра повратен билет со аеродромски такси, што е, исто така, многу ниска цена“, велат од „Ер лифт“.И новоформираната авиокомпанија „Мат ервејс“ најавува дека од септември ќе почне со чартер редовни летови од Скопје до Швајцарија, Германија, Италија. Летови ќе има и за Прага, Рим, Барселона, а цените ќе бидат пониски до 15 отсто.