Агенцијата за цивилно воздухопловство во согласност со регулативата (ЕУ) 1178/2011 и одобрена програма, втора година по ред, во Штип, реализираше обука за стандардизација на испитувачи на лет, (Flight Examiner Standardisation Course).Предавачи на истата беа лица од АЦВ, искусни испитувачи,  носители на дозвола издадена од Агенцијата, како и лица кои спроведуваат испити и проверки на носители на дозволи издадени од македонските цивилни воздухопловни власти.

Обуката беше спроведена во соработка со организацијата за обука на пилоти „РИМИН ЕР“ од Штип, и конципирана како теортетски и практичен дел. Практичните показни испити пак, за стекнување на овластување испитувач, дополнително ќе се спроведат со одредени кандидати под надзор на инспектори на Агенцијата.

Присутните лица, обуката ја искористија и за размена на искуства и знаења, како и за подигнување на личните и професионални вештини во сферата на стандардизацијата на испитувањата во лет.

Обуката имаше за цел и да го подигне нивото на усогласеност со регулативата, барањата и личните вештини на испитувачите, а со тоа и директно да влијае на подобрување на безбедноста на летањето во овој дел на индустријата.

Обуки со слична содржина, Агенцијата планира да реализира еднаш годишно. Истите се во интерес на стандардизацијата и подигнувањето на квалитетот на испитувањата во лет, но имаат за цел и директно да влијаат врз подобрувањето на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството.

Агенцијата, продолжува и со реализација на активности и иницијативи, во насока на транспозиција и примена на европската регулатива, поддршка на воздухопловната индустрија, стандардизација, обуки, семинари, советувања и подобрување на ефективноста на постапките.