Утрински весник, 29.07.2010

 

Авионската индустрија поради вулканскиот прав загубила околу 1,7 милијарди долари ЛОНДОН – Европското небо вчера беше отворено за авиосообраќај, но со оглед на тоа што многу авиони беа приземјени поради прекривката од вулканската пепел што се ширеше од Исланд, би можеле да поминат денови или недели додека се расчисти заостанатата работа.

Велика Британија, глобален воздушен центар, како и прометна дестинација, која се најде под прекривката од пепел, го отвори својот воздушен простор во вторникот ноќта, за големо задоволство на патниците и на товарниот авиосообраќај. Авиокомпанијата „Бритиш ервејс“ соопшти дека ќе ги оствари сите летови на долги релации што тргнуваат од аеродромите „Хитроу“ и „Гетвик“, но додаде дека ќе има откажување на летовите на кратки релации од аеродромите во Лондон и обратно до 12 часот. Британската служба за цивилно воздухопловство објасни дека научниците и произведувачите го минимизирале ризикот за летање во области со релативно ниски концентрации на пепел. „Главната бариера за обновување на летовите е да се разгледа нивото на толеранција на авионот за пепел. Произведувачите сега се согласија да ги зголемат нивоата на толеранција во областите со ниска густина на пепел“, изјави шефот на службата Дидри Хатон.

Авиокомпанијата „Ер Франс“ за вчера планираше да ги оствари сите летови на долги релации, Полска да го отвори својот воздушен простор од пет часот, додека Холандија дозволи ноќни летови во вторникот откако во понеделникот беше прва земја што дозволи патнички летови. Контролата на воздушниот сообраќај на Германија соопшти дека германскиот воздушен простор ќе биде отворен до девет часот, јави портпарол. Меѓутоа, од 60 лета наведени на веб-страницата на аеродромот во Франкфурт вчера 46 беа откажани. Летовите од Пекинг и од другите кинески градови кон европските дестинации вчера почнаа да се враќаат во нормала. Главната кинеска авиокомпанија „Ер Чајна“ на својата веб-страница соопшти дека нејзините „летови кон Европа се целосно обновени“ почнувајќи од вчера. Сепак, авиокомпанијата предупреди дека ќе биде во контакт со европските служби за воздухопловство во врска со временските услови и дека би можела да ги смени плановите за летање доколку биде потребно.

Велика Британија заостана зад своите европски соседи во минимизирање на заканата за авионите поради пепел, што потенцијално би можел да ги оштети, па дури и да ги парализира моторите на авионот. Во 1982 година во авион на „Бритиш ервејс“ откажаа сите четири мотори, кога леташе низ облак од пепел над Индискиот Океан. Откако авионите имаа успешни пробни летови неколку дена, започнаа заемни обвинувања зошто на владите им требаше толку време да дадат зелено светло за авионската индустрија, која според Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА), загубила околу 1,7 милијарди долари. Претседателот на ИАТА побара од владите да ги испитаат начините за надомест на авиокомпаниите за нивните загубени приходи. (Ројтерс) #