Вчера во Тирана беше потпишана билатерална спогодба за соработка во сферата на цивилното воздухопловство помеѓу македонските и албанските воздухопловни власти. Спогодбата конкретно се однесува на надзорот над услугите во воздушниот сообраќај што се обезбедуваат во делот на воздушниот простор над Охридското Езеро, каде што таквите услуги се меѓусебно делегирани и обезбедени од страна на двете држави.

Основата за потпишувањето на оваа билатерална спогодба помеѓу двете агенции за цивилно воздухопловство е Спогодбата за делегирање на услугите во воздушниот сообраќај помеѓу двете држави, потпишана од страна на македонската и албанската влада во ноември минатата година. Со таа спогодба, албанската држава се обврза да и’ делегира надлежност на македонската држава за одвивањето на воздушниот сообраќај над Охридското Езеро, во врска со полетувањето и слетувањето на воздухопловите на охридскиот аеродром што го користат албанскиот воздушен простор.

Спогодбата за соработка во врска со надзорот над услугите во воздушниот сообраќај обезбедени во делот на воздушниот простор на државата која делегира над Охридското Езеро, ќе овозможи трансфер на надлежностите од албанската врз македонската воздухопловна цивилна власт, во врска со надзорот над услугите за управување и контрола на воздушниот сообраќај над Охридското Езеро. Тоа практично значи дека АЦВ ќе ги извршува сите потребни активности што се поврзани со безбедното одвивање на воздушниот сообраќај над Охридското Езеро, односно постојан надзор врз навигациските услуги за управување и контрола на воздушниот сообраќај во тој дел од воздушниот простор над двете држави. Со потпишувањето на оваа спогодба се нагласува важноста на меѓусебната соработка поврзана со надзорот врз М-НАВ АД Скопје, како давател на услуги на воздухопловна навигација во споменатиот воздушен простор над териториите од двете држави, со цел да се подобри безбедноста на воздушниот сообраќај што се одвива на и во околината на Аеродром Охрид.

Во име на македонската и албанската цивилна воздухопловна власт, спогодбата ја потпишаа директорите д-р Томислав Тунтев и Максим Етемај. На средбата во Тирана уште еднаш беше потврдено големото значење на меѓусебната меѓународна регионална сорабатка во сферата на цивилното воздухопловство за унапредување на безбедноста во воздушниот сообраќај.